Домашните пејачи не добиваат доволно простор во медиумите кои се преплавени со музика од регионот и затоа песните кои се создаваат тука тешко се задржуваат повеќе време во етерот. Во Охрид има многу квалитетни музичари, но, за жал, тешко се успева ако не си од Скопје. И покрај тоа охридаката забавна сцена е активна, атрактивна и многу добра. Ова, меѓу другото, го истакнаа членовите на поп и рок бендовите и музички работници од Охрид на предновогодишното дружење во барот „Куба Либре“, што се одржа синоќа во организација на на поп и рок музичарите од градот, а на иницијатива на басистот на групата „Камелеон“ Тони Јованоски.
Композиторот и аранжер Јовица Каралиевски, кој е и добар познавач на охридската музичка сцена забележува дека домашните пејачи не добиваат доволно простор во медиумите и покрај тоа што денес имаме стотици телевизии, радија, портали, но и подкасти во кои, забележува тој, се случува кога гостин е пеач да не чуете ниту една песна.
Македонските пејачи не добиваат доволно простор во медиумите кои се преплавени со музика од регионот и затоа песните кои се создаваат тука тешко се задржуваат повеќе време во етерот, истакнува Каралиевски.
2024 тој ја оценува како успешна. Од неговото студио излегоа две авторски песни за Владо Броз и диџеј Марама а во моментов работи на и на нова песна со Ѓоко Танески која, како што вели, ќе биде изненадување за градот. Деновиве треба да излезе новогодишната песна и спот на К2 ѕвездичките.
Сум учествувал во многу бендови во градот и во рок и во поп музиката како композитор и изведувач. Поп музиката се слуша. Но, секоја генерација има свој бран кој знаеме дека не трае вечно, достигнува една точка и се спушта потоа, така и со музиката. Како што вели легендарниот Горан Бреговиќ кој зне да го јавне добро бранот ќе успее повеќе. Така е и со поп-рок музиката, посочува Карлиевски.
Во Охрид забавна музика работат педесеттина луѓе и имаме активни 12 – 13 бенда кои свират преку цела година бидејќи градот како туристичко место има побарувачка за бендови, вели Тони Јованоски од групата Камелеон и иницијатор на средбата.
Над 90 проценти бендовите во Охрид работат со кавери кои им се интересни на публиката. Во Охрид има многу квалитетни музичари, но, за жал, доколку во Македонија не си во Скопје, не можеш да успееш. Секако работиме и авторска музика. Камелеон има готови 4 – 5 песни кои треба да го видат сонцето на денот наскоро, најавува Јованоски.
Неговиот колега од бендот Петар Трифуноски вели дека би било добро кога би имало повеќе дружење помеѓу мизучарите од градот.
Во моментов има работа за сите. Работат кафетериите можеби не е како сред лето, но има работа за сите, што е добро, додава тој.
Димче Китрозоски 2024 ја оценува како музички богата. Китрозоски во своето студио годинава продуцираше голем број песни и аранжмани. Охридската музичка сцена, истакнува тој, е добра со забелешка дека можеби се форсира премногу екс-ју музика.
Жал ми е што малку повеќе нема македонска продукција, едно време беше подобро, сега како да затаи домашната музика иако имаме добри музички имиња, но гледам ведрина и се надевам дека македонската музика ќе оди нагоре, додава музичката и животна сопатничка на Китрозоски – Жармена.
Гитаристот Мартин Милески 2024 година ја оценува као плодна за него и за охридските бендови.
Работевме оваа година и на авторска музика, што особено ме радува и се надевам дека во 2025 ќе продолжиме со исто темпо и ќе има доста забава. И како солист, но и заедно со бендот со кој настапувам работиме на авторска музика, во 2024 имав еден авторски албум, а се надевам на уште еден таков проект во 2025 година, вели Милески.
На средбата на поп-рок музичарите во „Куба Либре“ присуствуваа актуелни музичари и бендови од градот како Камелеон, No Fun, Mood Fellas, Urban Planet, НИКА, Luger, Back Door Band… Вечерта беше зачинета со квалитетна музика и многу позитвна енергија со што поп-рок музичарите од Охрид на најдобар можен начин ја најавија Новата година.
Фото галерија:
Г.М.
Фото: Анамарија Момироска