Еколошкото друштво „Грашница” од Охрид во рамките на проектот „Поврзување на луѓето со природата – зајакнување и вмрежување на граѓанските здруженија во Македонија” вчера во селото Завој организираше јавна расправа и практична презентација за зачувување на автохтоните сорти овошја на подрачјето на Илинска-Плакенска Планина.

Оваа активност е дел од проектот, кој се спроведува веќе втора година заедно со Македонското еколошко друштво (МЕД) од Скопје и еколошкото друштво „Арт поинт Гумно“ од село Слоештица, Демир Хисар.

На настанот присуствувале 30 калемари од Охридскиот регион и од Демир Хисар и ученици од СОУ „Крсте Петков Мисирков” од истиот град.

-Гостин на настанот беше проф. д-р Тошо Арсов од Катедрата за овоштарство од Факултетот за земјоделски науки и храна и Наталија Меловска, дипломиран биолог, претставник од Македонското еколошко друштво, како носител на проектот. На настанот калемарите се здобија со дополнителни искуства за калемење и зачувување на старите автохтони сорти круши и јаболка преку практична презентација на стебла од јаболка и круши, информираат од ЕД „Грашница“.

Слични теренски настани за зачувување на биолошката разновидност беа организирани во текот на 2014 година.

OhridNews