Новите подводни снимки биле направени на барање на Комисијата за утврдување на причините за несреќата во која членуваат експерти од Македонија, Бугарија и Хрватска. Комисијата одлучила да биде извршено
дополнително подводно снимање на 12 точки од потонатиот брод, кои се
сметаат за важни за истрагата. Повторното снимање е побарано бидејќи
веќе направените снимки биле премногу одблиску односно не
соодветствувале на барањата на истрагата.
Охридските нуркачи направија нови подводни снимки
И понатаму одговорните од охридската Капетанија се недостапни за јавноста, а информации не даваат ниту македонските експерти вклучени во работата на мешовитата комисија. За разлика од македонските, експертите од Бугарија редовно ги информираат своите новинари за работата на комисијата и текот за истрагата, па така македонските медиуми наместо од домашните, добиваат информации од странски институции. Ова е последен во низата големи пропусти на Капетанијата која три дена по несреќата се јави со штуро соопштение во кое информира за одложување на вадењето на потонатиот брод, поради временски причини.