Веќе чекориме во Новата 2014 година, со надеж за подобри денови исполнети со убави настани. Минатата година е веќе зад нас, некои  ќе ја запаметат по добри работи кои ќе остават убав спомен, а некои по лоши нешта кои треба што побрзо да се заборават. Како ќе биде запаметена минатата 2013 година од новинарски агол, ги запрашавме охридските новинари.

Росица Голабоска-дописник Телевизија ,,Алфа’’ 

И годинава што изминува покажа дека наместо да научивме да живееме едни покрај други, за малку очите ќе си ги извадевме -како да не сме сите луѓе од крв и месо. Низ струшките села се поставуваа јарболи некаде со албански знамиња, некаде пак со државното знаме. Се спречи осветување на црква, без дозвола се поставуваа спомен обележја.

2013-та во Охрид пак, на два пати го донесе Субрата Рој, кој пак презентирајќи го идејното решение, ни го покажа царството кое на 240 хектари за милијарда евра ќе го подигнел на брегот на Охридското Езеро. Од националното македонско богатство ќе прави елитна туристичка дестинација, урбанизмот дивее, а за тоа никој уста не отвори. Си свиркаа како на неколкуте добри концерти што ги видовме на ,,Охридско лето“, му се израдуваа како на охридската болница која годинава почна да работи–нашминкана, дотерана како неискусна млада момичка, оти фалат доктори. Но и тие не се семоќни, 2013-та заминаа многу јавни личности, згаснаа многу млади животи како оној на нашиот колега и другар Петар Алексоски.

Посакувам да го вратиме новинарството на прав пат, да не дозволуваме да ни ја газат честа оние кои годинава селективно пласираа информации и во секоја критика препознаваа зла намера. Нека учат од креативните охриѓани кои на крајот од годинава ни прередија културни збиднувања кои го живнаа градот. Чувајте се од простодушните, лажни, ситни души кои не знаат за љубов.

Александар Бачиќ-дописник на ,,МИА”

За годината што измина лично сметам дека ќе биде една од оние што бргу ќе бидат заборавени, барем што се однесува на случувањата во градот и настаните по кои би била запаметена.

Доколку единствена работа што може да се издвои е новата болница на која се чекаше долго време, да речам дека среќа е што барем моите најблиски беа здрави и немаа потреба од медицинска нега. За оние останатите, ништо друго освен да сочувствувам со нивната мака.

Најнегативен настан што морам да го нагласам секако е проектот на Субрата Рој. Се надевам дека светецот, како според преданијата, ќе изнајде начин да се справи со сејачи на ветрови и продавачи на магла. Не дека сум против проекти и инвестиции, ама има и други места на светов за разнебитување, а не најубавиот дел од едно природно богатство старо милиони години, за кое неслучајно чул светот и е ставено под заштита на УНЕСКО. Ме чуди каде се луѓето кои примаат плати како биолози, еколози да се истакнат во вистинска смисла на зборот и да се јават во вакви мигови кога на езерото му е потребна одбрана од антополошкиот атак.

За 2013 сите знаеме дека беше година на промена на локалната власт, а што таа промена донесе засега не можам да дадам некаков суд, во недостиг на аргументи. Освен како новинар што морам да ги поцртам големите би рекол тектонски раздвижувања во медиумите, особено информативните портали, во нивниот однос и ставовите кон севкупните случувања во градот. Тука да го додадам и непрофесионалниот однос на одредени јавни личности во нивната секојдневна комуникација со новинарите. Не дека новинарите се посебни и им е потребен специјален третман, но сепак какви такви тие се оние кои ги информираат граѓаните за она што се случува во градот и оттаму сметам дека барем затоа заслужуваат поинаков однос.

Да не се повторувам на она што го реков на почетокот, чекам 2014 да биде подобра од минатата, тоа им го посакувам и на сограѓаните. А, да не заборавам, уште една работа остана во градот што се издвојува, а тоа е фестивалот „Охридско лето“ без кој Охрид независно од своите природни убавини би бил провинциска паланка. Се надевам дека фестивалот ќе ни потрае, ако тоа не му успее на езерото.
 

Александра Ристоска-новинар на ,,Супер радио” и дописник на „Нова Македонија“

Реконструкцијата на Охридската болница според мене беше еден од позначајните зафати што се реализира во текот на минатата година. Фестивалот „Охридско лето“ и овој пат ги донесе светски познатите музички имиња во Охрид и понуди незаборавна музичка и драмска понуда. Искрено ме радува што највисоката општинска награда „Свети Климент Охридски“ во 2013 година замина во вистински раце, кај живата легенда на македонското пливање Александар Леко Радиќ.
 
Во сеќавање ќе ми остане доаѓањето на индискиот милјардер Субрата Рој кој најави мегаломански суперлуксузен туристички комплекс во Љубаништа, но останува на времето, да видиме како тој ќе се одрази врз биодиверзитетот во Охридското Езеро и околината.
 
Во текот на изминатата година останавме покуси за најавуваниот аеродром на вода, за елитната населба во Лакочереј, за Златната соба во Робевци, за отварање средно-музичко училиште и за нов и модерен здравствен дом на местото од такавиканата Маларична.
 
Посакувам 2014-та да биде година на капитални инвестиции во Охрид и година на туризмот. Посакувам мирен и безбеден Охрид, град во кој ќе се случуваат само убави нешта.
 

Милчо Јованоски-дописник на ,,Дојче веле”, ,,СБС” и новинар на ,,Охрид1”

Во секој случај уште една турбулентна година. Како секоја друга и оваа ќе остави зад нас убави и помалку убави нешта за паметење. На приватен план на 2013 година ќе се сеќавам по моето магистрирање на студиите по новинарство при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“во Скопје и одбраната на магистерскиот труд: „Улогата на аудиовизуелните медиуми на локално ниво во демократските процеси во РМ “.

Секогаш и сега тврдам дека во светот не постојат независни медиуми, туку борбата за независност се темели врз почитувањето на новинарските стандарди, кодексот на новинарите и нашиот постојан стремеж да дојдеме до вистината. Жално е но ќе кажам дека ме болат состојбите во новинарството во Македонија поделбите меѓу новинарите, тешките услови за работа и најмногу од се’ губењето на достоинството во професијата. Професионализмот и етиката се изгубија во трката по профит, оставрување на туѓи ( политички и економски агенди) од сите страни и профитерство врз грбот на колегите – новинари.

Посакувам во 2014 година. дел од овие работи да почнат да се средуваат не само во интерес на професијата, туку и во интерес на здрава демократија во општеството.

Сашо Нелоски-дописник на ,,Македонска Радио Телевизија”’

Дилемите се големи кога треба да се наброи она најважното и најсуштинското што остави печат во годината што е зад нас. Сепак ќе се обидам да набројам неколку настани кои според мене ќе останат засекогаш во меморијата на охриѓани.

Како и секоја година Фестивалот ,,Охридско лето’’ ни приреди прекрасни доживувања  и го сврте вниманието на домашната и странската јавност. Впечатливите настапи на рускиот баритон Дмитри Хворостовски, гудачкиот квартет ,,Бонд’’, прекрасните претстави од драмската програма, секако се нештата кои ја обележаа 2013 година.

Можеби ќе бидам субјективен како поранешен пливач и ватерполист, но особено задоволство ми причини тоа што Највисокото општинско признание наградата ,,Свети Климент Охридски-Патронот на Охрид’’ ја доби легендарниот пливач и пливачки тренер Александар Леко Радиќ. Ова е човек кој многу направи за Охрид и со својата работа придонесе да се слушне за нашиот град на сите континенти, тој е човек без кој нема да ја имавме историја на пливачкиот спорт и нема да ги имавме сите врвни дострели на охриѓани на ова поле.

Сепак 2013 година беше разочарувачка во однос на економските прашања, бидејќи во оваа сфера се чини дека стоиме во место. Охрид во моментов е на најниски гранки и затоа сите охриѓани и оние кои го сакаат Охрид треба да вложат максимални напори градот да се врати на старите патеки кога дури половина од населението беше вработено. Тоа е она за кое треба да се стремиме и кое треба да биде наша главна преокупација, за младите поколенија да не ја бараат својата иднина во Скопје или во странство, туку во својот роден град.

OhridNews