Несредените односи кои подолго време се присутни во македонското новинарство, доведоа до масовни отпуштања на работници во медиумите. Незадоволни од ваквата состојба се дури и новинари кои повеќе од три децении се во браншата и како што велат се принудени да се повлечат од “хаосот во етерот“. Симон Илиевски, моментално најискусниот новинар од Охрид, денеска јавно на прес конференција го обзнани своето повлекување од функцијата претседател на Регионалниот центар на Здружението на новинарите на Македонија, а истовремено и од “услугите“ што  ги вршеше повеќе од десет години, односно од основањето на националната телевизија „Канал 5“.

Илиевски, извинувајќи се во името на новинарската професија за задоцнетата реакција за хаосот во македонскиот медиумски простор, истакна дека со овој чин сака да ги охрабри сите што тешко го заработуваат новинарскиот леб.

-Имало некакви списоци за новинари патриоти и предавници, подобни и неподобни, ѕвезди и новинарчиња, некои што седеле или сакаат да седат во скутот на високите политички структури и да реагираат како да се на копче. За среќа, припаѓам на мнозинството професионалци кои чесно си ја вршат новинарската работа, но за жал не има се помалку. Давам неотповиклива оставка од членството во ЗНМ и од подршката на групата за негова трансформација, зошто не успеавме на мнозинството новинари во Македонија да обезбедиме да си ја извршуваат работата и чесно да си го заработуваат лебот.Од денеска хонорарно нема да работам за Телевизија „Канал 5“, каде сум од основањето од пред 10 години. Таму работев на црно за малку пари и ме нема на ниеден платен список. Ќе останев доколку еден  моќен човек не ми рече, дека може со малиот прст да ми ја затвори влезната врата, замислете на телевизијата во која оставив дел од мојот живот.-рече Илиевски

Тој појасни дека 12 години наназад е без здравствено и пензиско осигурување, односно без основни услови за егзистенција.

– Моето откажување од хонорарното работење во „Канал 5“ и ЗНМ сфатете го како прв чекор на бунт против хаосот во македонскиот медиумски простор. Државата ќе мора да проконтролира кои се луѓето што ги потпишуваат на вестите и текстовите, дали имаат било какви договори за постојана или хонорарна работа или се евтина интелектуална работна сила што не постои во ниедна легална евиденција.-додаде Илиевски, нагласувајќи дека нема намера да се откаже од новинарството, но се надева на ангажман при што ќе биде испочитуван законот, како и неговото искуство и знаење.

Во знак на солидарност, мнозинството новинари и сниматели од Охрид денеска се откажаа од членството во ЗНМ, за кое рекоа дека воопшто не ги штити нивните интереси, истовремено најавувајќи формирање на локално здружение на медиумскиот еснаф.

OhridNews