Учениците од ОУТУ „Ванчо Питошески“ освоија високи признанија во рамки на четвртите меѓунродни Гастрономско-туристички средби -„ГАТУС 2015“ кои на крајот на септември се одржаа во Македонски Брод.
Во конкуренција на 12 средни училишта од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Македонија, охридските млади угостители освоија сребро во три натпреварувачки дисциплини.
Во рамки на дисциплината „Поставување на традиционална маса за 4 лица“ второто место им припадна на учениците Наум Нестороски, Адријан Османоски и Ерол Камбероски под менторство на професорката Марија Ристеска.
Второто место во дисциплината „Традиционално јадење“ им припдна на учениците Томе Јованоски, Емилија Јовческа и Стефан Новакоски под менторство на професорот Блаже Јорданоски.
Во дисциплината „Креирање и презентирање на тридневен туристички аранжман за одмор на село, за четиричлено семејство со две деца на возраст до 10 години“ второто место го освоија учениците Антонио Попоски, Дајана Сиљаноска и Менде Костоски под менторство на професорите Елена Митреска и Григор Ангеличин-Жура.
Една од целите на овој балкански натпревар била афирмирање на руралните средини како потенцијални туристички дестинации за развој на туризмот, а особено внимание било посветено на традиционалните специјалитети.
OhridNews