Една третина од предвидените награди на националниот натпревар Бреинобреин што се одржа во Скопје, отидоа во рацете на охридските млади генијалци од БОБ Црвен крст Охрид.

Во конкуренција од 336 натпреварувачи од 19 центри од земјава, охридските 57 натпреварувачи освоија 31 трофеј, 14 златни и 12 сребрени медали.

Сите наши натпреварувачи се вратија со освоени награди. Во 17 категории во кои што се натпреваруваа, 10 охридски ученици беа на водечко место со најголем број освоени поени во нивната категорија. Со тоа повторно покажавме дека сме центар кој го носи епитетот за најдобар во земјата и пошироко, вели Валентина Кузманоска, инструктор во Бреинобреин Охрид.

Поединечно, со освоени најголем број поени на ниво на Македонија е охридскиот натпреварувач, Дејан Цветкоски кој следи седмо ниво, а се натпреваруваше со комплетирано шесто ниво.

Многу сум среќен, јас сум братот на Дејан кој е најдобар во Македонија. Резултатите ги постигнавме со напорно вежбање, секој ден решававме по неколку тестови, изјави Наум Цветкоски кој сега е десетто ниво од програмата.

Охридскиот центар беше првиот отворен во Македонија и во континуитет бележи високи резултати, со освоени најголем број награди.

Вложуваме големи напори, им се посветуваме на децата, на родителите за да ги мотивираат, а резултатите се гледаат, како во секојдневието, во училиште, така и на натпреварите, вели претседателот на Црвен крст, Сашо Точков.

Натпреварот се состои од два дела-натпреварувачки дел каде децата решаваат тест, а во вториот дел е демо презентација каде учениците од петто до десетто ниво ги покажуваат своите вештини.

Меѓу најважните работи за поголем успех е секојдневното практицирање, односно покрај часот што се одржува во центарот, вежбање и дома во времетраење од 10 до 15 минути во текот на денот. Со тоа децата постигнуваат максимални резултати. Со вежбањето ја совладуваат претходно работената програма и ефикасноста е поголема, објаснува инструктор Христина Кузманоска.

Бреинобреин Охрид постојано е дел и од меѓународните натпревари. Во месец ноември негови членови ќе учествуваат на Интернационален натпревар во Дубаи.

Т.К.