Во поголемиот број месарници во Охрид денес немаше јагнешко месо кое традиционално е дел од велигденската трпеза. Граѓаните кои изминатите денови не успеале да купат, изненадено коментираа дека претходно никогаш не се случило на два дена пред големиот празник да нема каде да се купи јагнешко месо.

Барав можеби во осум или девет продавници, но не најдов. Продавачите креваат со раменици и не знаат дали воопшто ќе добијат. Моравме да одиме во Струга и таму купивме по цена од 360 денари за килограм, раскажува наш сограѓанин.

Во месарниците велат дека оваа година добиле многу помали количини јагнешко месо од оние кои ги нарачале кај добавувачите.

Нарачавме 100 јагниња,но неделава ни испратија само дваесет. Обично набавуваме од беровско, но побаравме и во Велес и кавадаречко но ниту од таму не ни испратија. Најверојатно голем број јагниња беа извезени за католичкиот Велигден во странство па затоа нема. Оваа година и празникот е многу рано па така и нема многу јагниња. Тие што стигнаа или беа многу мали или пак од по 16 или 17 килограми што и не е така младо месо, објаснуваат сопствениците на месарниците.

Цената на јагнешкото месо во текот на оваа недела во охридските месарници се движеше од 330 до 360 денари за килограм.

Т.К.