290 матуранти од четирите средни училишта, ОСУ „ Св. Климент Охридски“, СОСУ „ Св. Кирил и Методиј“, ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и ОУТУ „Ванчо Питошески“ денес, точно напладне играа на звуците на штраусовиот квадрил, истовремено со своите врсници од градовите во Европа, учесници на Матурската парада .
Матурантите ги поздрави градоначалникот Никола Бакрачески кој им го честита завршувањето на средното образование и како што рече, давајќи им насока која им го покажува патот кон успехот.
– Животот е полн со предизвици и препреки, скокови и падови пред кои Вие треба да стоите исправено. Успехот на нашето општество зависи од вашата енергија, од вашето знаење и од вашата определба, од Вашата решителност и упорност, од вашиот начин на справување со предизвиците. Овој компас ве насочува што вие ќе бидите утре која ќе е вашата професионална определба. Но уште поважно од се е да бидете луѓе, да бидете скромни, сочуствителни, полни со радост, почит, вера и разбирање, негувајте ги овие вредности бидејќи тие се фундаменти на една заедница каде и да живеете утре. Вашиот успех зависи од Вашата посветеност, од домашното воспитување, од соработката со професорите, од дружбите со соучениците, фејсбук пријателите, соиграчите во кошаркарскиот тим, друштвото за ноќна шема и секако од Вашата средношколска или студентска љубов. Уживајте во младоста и љубовта, не пропуштајте ја ни читалната, ни бруцошките забави кои следат, учете се додека постоите, бидете капетани над својот брод,им порача градоначалникот Бакрачески на матурантите.
Учесниците на Матурската парада, која годинава се одржа по десетти пат во организација на локалната самоуправа и средните училишта, и овој пат танцуваа под будното око на професорката Соња Думбалова Деловска, кон која матурантите упатија благодарност за долгите часови на подготовки и одличната изведба.
Танцот Квадрил потекнува од Франција, каде се појавува во втората половина на 18 век, а во почетокот на 19 век дури и се предавал во некои училишта со што станал широко распространет и негови модификации се среќаваат многу често и во многу други држави. Тоа е танц во кој учествуваат две двојки односно два пара кои своите движења ги изведуваат во просторот во форма на квадрат. За парадата, овај танц се игра на музика од штраусовата опера „Лилјакот“.
Т.К.