Лајонс клуб „Лихнидос“, овојпат во соработка со трите градски клубови: ЛК Охрид, ЛК Деница и ЛК Десарети, презеде активности за осветлување на главните влезови во стариот град и нивно обележување со симболите на УНЕСКО. Поводот е јубилеен, бидејќи оваа година се навршуваат точно 40 години како Охрид – Стар град е ставен под заштита на УНЕСКО.

Покрај таблата со пригоден текст кај Горна Порта, ќе бидат поставени и две мермерни плочи на главните улици кои водат во стариот град, кај месноста Долна Порта на улица Самуилова, покрај ресторанот Антико и на улица Коста Абраш, покрај хотелот Александрија.

„Текстот има афирмативен, но и едукативен карактер, особено за нас, Охриѓаните.” – изјави Проф. Д-р Зоран Тунтев, иницијатор на акцијата.

Во текстот се наведува дека во 1980 година Охрид е впишан во листата на УНЕСКО како дел од Светското културно наследство. Со тоа се потврдуваат универзалните вредности на „Балканскиот Ерусалим”, кои заслужуваат интегрална заштита во корист на целото човештво.

„Тоа треба да биде мантра на секој што живее овде, патоказ на секоја локална и државна власт, аманет за идните генерации.” – потенцира Проф. Тунтев.

Претходно по иницијатива на ЛК Лихнидос, со ново светло блеснаа и црквата Св. Јован Канео, Св. Богородица Перивлепта, Св. Софија и Свети Климентовиот храм Св. Пантелејмон на Плаошник.

OhridNews