Незадоволни од непотпишувањето на колективен договор, охридските културни работници, денес, се приклучија кон предупредувачкиот штрајк што се одржува низ целата земја, организиран од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), а поддржан и од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).
Како што беше и најавено, вработените во установите од културата, беа на своите работни места, но не ги извршуваа обврските.
Организаторите и учесниците на штрајкот потенцираат дека се незадоволни што и покрај двегодишните преговори со владата и дадените ветувања дека ќе биде потпишан договорот најпрво до крајот на 2018, а потоа до крајот на 2019, тоа се уште не е случено.
- Нашето незадоволство е и поради неслухот на министерството за култура во однос на нашето барање со краен рок до 18 декември да добиеме било каква информација во однос на тоа до каде е постапката за потпишување на нов колективен договор кој би бил прв по 2005 година кога последен пат е регулирана правната рамка на работните односи на вработените во културата. Се надеваме дека овој предупредувачки штрајк ќе вроди со плод и од страна на министерството за култура и владата ќе се реши проблемот и ќе се потпише колективниот договор кој е договаран, изјави Филип Кипровски, претседател на синдикалната организација на Народен театар Охрид при СКРМ.
- Како СОНК даваме само поддршка за реализирање на колективниот договор во рамки на културата на ниво на Македонија. Очекувањата се дека во пократок временски период ќе се потпише договорот, вели Горан Георгиески претседател на СОНК при НУЦК Григор Прличев Охрид
Од СКРМ потенцираат дека вработените во културата речиси 15 години се без социјални права, со огромни разлики во платите и субјективна валоризација на трудот. СКРМ во октомври организираше и протестен марш „Колективен сега!“.
OhridNews