Охридските кошаркари натпреварувачката 2017 година ќе ја завршат со дуелот против Сикст Приморска во регионалната Втора АБА лига на домашен терен во среда со почеток во 17 часот.

Гостите во Охрид доаѓаат како второпласирани на табелата и големи фаворити, но домашните кошаркари ветуваат борба и не го креваат белото знаме пред почетокот на мечот.

– Целта е јасна во мечевите од АБА лигата и нема да се промени во текот на сезоната. Низ натпреварите од АБА лигата сакаме да стекнеме искуство кое ќе ни биде плус за мечевите кои ни престојат во националниот шампионат. Сикст Приморска е квалитетна екипа и ние како и на секој натпревар ќе одиме да се надигруваме. – изјави Петар Чочороски.

– Дојдовме до самиот крај од есенската полусезона и ни остана уште еден натпревар, овој со Сикст Приморска. Ќе дадеме се од себе, ќе се надигруваме и ќе се надеваме на позитивен исход. – додаде Рос Кенет.

Охриѓани имаат една победа и девет порази во Втората АБА лига, додека противникот со седум победи и три порази се наоѓа на втората позиција.

OhridNews