На средината од месец септември охридските кошаркари ќе заминат на седумдневни подготовки во Црна Гора. Таму „сино белите“ ќе одиграат неколку контролни средби и ќе ја „билдаат“ тимската хемија во екипата.


– Имавме закажано контролен натпревар со тимот на Куманово овој период, но истиот го одложивме поради немањето време да ја подготвиме екипата. Затоа во договор со управата се одлучивме финалните подготовки да ги одработиме во Црна Гора каде ќе одиграме четири мечеви. Наши противници во Црна Гора ќе бидат екипите од Тиват, Никшиќ и Бар. – рече тренерот на Охрид, Петар Чочоровски.


Подготовките охридскиот состав кој фузираше со струшки Црн Дрим и го презеде нивното место во Втората лига започнаа во месец август со што се врати најуспешниот спорт во градот Охрид.

– На тренинзите работиме со полна пареа. Подготовките ги започнавме подоцна од другите екипи и мора да работиме по забрзана програма. Во клубот се функционира беспрекорно и имаме услови на кои можат да ни завидат и поголеми клубови. – додаде Чочоровски.

Почетокот на шампионатат е на крајот од овој месец, а охриѓани ќе атакуваат на првото место на табелата кое води во елитата.

Мх.П.