Дваесет млади охриѓани ги прават последните подготовки за традиционалниот Илинденскиот марш до Крушево каде ќе земат учество во одбележувањето на 104-годишнината од Илинденското востание.
 
Целта е да се продолжи традицијата,  да се зачува нашата историја и култура и да се пробуди патриотската свест кај младите, велат од здружението на граѓани „Христо Узунов“, кое е организатор на Илинденскиот марш.

Свеченостите традиционално ќе започнат вечерва -28 јули во црквата Света Тројца во населбата „Радојца Новиќиќ“ каде ќе се одржи свечена литургија и културно-уметничка програма. За Крушево пеш се тргнува на 29 јули преку Куратица, Брежани, Илинска Црква, Мало Илино, Железнец, Деленци, Брезово, Зачле, Дивјаци и други села и места. Во Крушево се стигнува на 31 јули попладнето. По заслужениот одмор на 2 Август дваесетте охридски “комити“ ќе се  приклучат во одбележувањето на големиот национален празник и ќе бидат  предводница на коњаницата на свеченото дефиле.

Со свеченото испраќање на учесниците на Илинденскиот марш започнуваат свеченостите по повод одбележувањето на 2 Август во Охрид.

Во рамките на свеченостите утре ќе биде осветена црквата Свети Илија во с. Лескоец, а покрај традизионалните спортски манифестации, малиот пливачки маратон и меѓународната Илинденска регата, ќе се одржат и неколку промоции на книги. Свеченостите ќе бидат заокружени со концерти на ансмблот „Танец“ на 1 август на Дони Сарај и на Владо Јаневски утредента на Античкиот театар.

Г. Момироски