По повод заминувањето за Крушево, синоќа во црквата Света Тројца во населбата „Радојца Новиќиќ“ се одржа молитва за добар пат на која присуствуваа сите учесници на маршот.
–Целта е да се продолжи традицијата, да се зачува нашата историја и култура и да се пробуди патриотската свест кај младите, велат од здружението на граѓани „Христо Узунов“, кое е организатор на Илинденскиот марш.
Инаку, традицијата започна во 2003 година на прославата на 100-годишнината од Илинденското востание кога група ентузијасти од Охрид пеш тргнаа за Крушево. Оттогаш наваму секоја година младите охриѓани одат по патеките на славните илинденци.