Петмина членови од охридскиот Акцијашки клуб „Брег на младоста“ беа дел од 15-дневната младинската работна акција „Краљево 2015“. Охридските акцијаши заедно со 70 акцијаши, млади и ветерани од повеќе градови од Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора учествуваа во засадување на 15.000 стебла црн бор на планината Столови во Србија.
– Активно учествувавме во афирмација на Охрид и Република Македонија на културно и историско поле. Беше организирана и македонска вечер во соработка со македонското друштво „Кирил Пејчиновиќ“ од Краљево, на која имаше македонски специјалитети, македонски песни и ора и промотивен материјал за Охрид и државава. Се пееше македонската химна и се вееше македонското знаме, а истиот ден беше потпишана и повелба за збратимување со здружението на акцијаши „Краљево“, но врв на културните збиднувања беше македонско-српската свадба со сите обичаи. Невестата беше Македонка, а зетот Србин, раскажува Зоран Стевоски од АК „Брег на младоста“.
Пријателската врска помеѓу членовите од охридскит клуб и клубот од Краљево била воспоставена минатата година кога охридските акцијаши помагаа да се санираат последиците од катастрофалните поплави кои ја зафатија Србија.
OhridNews