Охридските хотелиери ја поздравија одлуката за укинување на визниот режим. Според нив таа позитивно ќе влијае на развојот на туризмот, особено поради фактот што албанските гости во иднина ќе можат непречено да доаѓаат во Охрид и во другите туристички центри во земјава.
„Албанците во последно време се чести гости на охридската ривиера, а со најавите за укинување на визниот режим помеѓу двете земји, очекуваме тие во поголем број да доаѓаат во Охрид“, ни изјави Слаѓана Столеска од х. Милениум Палас.
Најавата за укинување на визниот режим ја поздравија и општините членки на Југозападниот плански регион. „Мислам дека ваквата одлука е за поздравување и ќе придонесе да се зголеми протокот на луѓе и стока во регионот, што пак ќе придонесе за развојот на локалните економии“, ни изјави Рамиз Мерко, градоначалник на Струга.
Одлуката за укинување на визниот режим помеѓу Албанија и Македонија ќе ја потпишат премиерите на двете земји, Сали Бериша и Никола Груевски во текот на овој месец во Тирана.
Г. Момироски