Додека училиштата мака мачат со малиот број ученици кои се запишуваат, групите во охридските градинки имаат три пати поголем број деца од предвидениот. Причина се недостигот на кадар и просторни услови-проблем кој се провлекува години наназад.

Со цел привремено да се реши проблемот, на денешната седница на советот како и претходните години, се донесе одлука за давање согласност за формирање групи  во ЈОУДГ„Јасна Ристеска“, со помал односно поголем број деца од законски утврдениот број.

Како можно трајно решение на проблемот, од локалната самоуправа го наведуваат планот за адаптирање на простории во објектот од некогашната касарна каде би функционирала нова градинка во рамки на ЈОУДГ Јасна Ристеска. Со ваквото решение, но и практиката на отварање на градинки во руралните средини, што беше реализирано во неколку наврати во текот на минатите години, би дошло до растеретување на постојните капацитети на постоечките градинки, сметаат дел од советниците.

Од друга страна, советниците на денешната седница донесоа и одлуки за давање согласност за формирање паралелки со помалку од 24 ученици во основните училишта и средните училишта во општина Охрид, каде од година во година се соочуваат со помал број на новозапишани ученици.

Советниците одлучуваа и околу предложените точки поврзани со програмата и изведувањето на училишните екскурзии, исплатата на долгот на ОУ „Григор Прличев“ – Охрид  по извршни решенија, извештаите за работата  на јавните претпријатија во текот на првите шест месеци од годината, како и за низа точки од област ана урбанизмот.

OhridNews