Со двете победи во низа над Куманово и Текстилец на домашен терен охридските ракометари успешно ја завршија мини мисијата и се зацврстија на средината од табелата во елитната Супер лига.

– Го исполнивме тоа што го зацртавме да триумфираме на двата натпревари во низа на домашен терен. Полека формата ни оди во нагорна линија и мислам дека сме на вистинскиот пат во Супер лигата – рече Горан Андоновски, тренер на Охрид.

Охриѓани во седмата рунда ги очекува гостување во Радовиш кај истоимената екипа. Ракометарите на Охрид се’ уште немаат освоено бод на гостински терен, а во двата натпревари каде претрпеа порази играа против Тинекс Пролет и Пелистер.

– Ќе мора да поправиме повеќе елементи во нападот за да стигниме до бодови на гостински терен. Проблемот е евидентен, промашуваме зицер позиции, а нивните голмани ги правиме хероии место да им ја наполниме мрежата – потенцираше охридското лево крило, Крсте Андоновски.

По мечот со Радовиш „гладијаторите“ во последниот натпревар пред своите гледачи во првата полусезона ќе го пречекаат аспирантот за титула струмички Зомимак.

Табела : Т. Пролет 18 бодови, Зомимак 12, Пелистер 12, Металург Јуниор 10, Охрид 10, Овче Поле 7, Радовиш 6, Преспа 3, Куманово 3, Текстилец 1.

Мх.П.