Членовите на проектната активност драма при Охридската гимназија со синоќешната изведба на претставата „Мачка на вжештениот ламеринен покрив“ само го потврдија својот талент, овојпат да се носат со сложени улоги што во своето дело го наметнува Тенеси Вилијамс.
Згусната содржина, лежерност во дејствието, издржани дијалози ја красеа нивата игра, успешно пренесувајќи ги вонвременските пораки вилијамсовата перцепција на изместувањето на семејните вредности, во еден типично американски стил…
Секој од младите актери на свој начин придонесе за динимиката на претставата, што публиката ја изгледа во еден здив. Дури и би било неблагодарно издвојување на индивидуалните квалитети што ги поседува секој од нив, оттаму што целата екипа својата уметничка игра ја наметна како уште едно несекојдневно доживување.
– За разлика од досегашните проекти на нашата секција, овојпат се обидовме да дадеме еден поинаков призвук на нашата работа. Сметам дека после четири години работа со овие талентирани ученици, заслужија да се претстават на едно повисоко ниво. Не само што ги потврдија моите очекувања, туку и ми покажаа дека младоста не познава ограничувања, дури и кога се работи за еден ваков психолошки текст, изјави м-р. Ирена Бачиќ, раководител на проектната активност драма при гимназијата „Свети Климент Охридски“.
Улогите во претставата ги толкуваа Анамарија Битракова, Илија Ставрески, Никола Србиноски, Викторија Симоноска, Милан Србиноски, Ева Каланоска, Адриан Димитријески и Звонимир Србиноски, сценографијата беше на проф. Кети Слатинец, а за музичката се погрижија вокалот Емилија Колоска во пијано придружба на Димитриј Атанасов.
OhridNews
фото: Крсте Варе