Во дворот на гимназијата „Св. Климент Охридски“ синоќа се одржа организирана прослава за матурантите од генерацијата 2020, која минатата година не славеше организирано поради пандемијата од КОВИД 19 и генерацијата 2021.

На почетокот од настанот славениците ги поздравија градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески и директорката на Гимназијата Весна Цветкоска, кои им посака понатамошен успех на секое поле во животот.

Одважно и снажно, паметно и промислено, зрело и одговорно продолжете во животот што е пред Вас. Останете свои на своето, покажете дека овде сте го научиле и она што не го пишува во книгите. Бидете големи под ѕвездите, останете чесни и свои! Јас сум сигурен дека со знаењето и вештините кои изминативе четири години се вградуваа во вас ќе успеете да ги надминете сите препреки и ситуации кои ве очекуваат. Посакувам секогаш да бидете добри и да не дозволувате никој да го наруши вашиот личен интегритет кој нежно го негувавте сите овие години. Бидете љубезни и великодушни кон луѓето кои се наоѓаат на вашиот пат. Сонувајте големи сонови и бидете оптимисти со што и да се занимавате во животот. Не е битно дали ќе бидете занаетчија или адвокат , доктор или рудар битно е она за што ќе се определите да го правите и работите со љубов. Само тогаш успехот е неизбежен.Задржете го оптимизмот, смислата за хумор и младешкиот дух и тогаш кога се соочувате со животни проблеми. – рече градоначалникот Георгиески.

На забавата со која официјално се одбележа завршувањето на средното образование свој настап имаа Dj Face & Dj Gec.

OhridNews