Фудбалскиот клуб Охрид и фудбалерите подготвени се за почетокот на сезоната во Третата македонска фудбалска лига југо-запад. Охридските бели натпреварите ќе ги стартуваат на домашен терен против Велешта в недела со почеток во 17 часот.

  • Подготвителниот период го поминавме одлично и од она што сите можевме да видиме дека фудбалерите се подготвени за почетокот на сезоната. Подготовките ги започнавме во јули месец, а  фудбалерите формата ја брусеа низ контролни натпревари со разно разни противници. Фудбалскиот ростер сочинет е од играчи кои потекнуваат од фудбалска академија, подобрите фудбалери од овој регион и со само еден фудбалер од страна односно од Кичево. – изјави спортскиот директор Александар Мартиноски.

Претседателот на клубот, Владимир Алексијоски на средбата со медиумите говореше за организацијата која клубот ја подигна на високо ниво. – Со поддршка од Општина Охрид, градоначалникот Јован Стојаноски и советниците во Советот на задоволство од граѓаните активно се вклучивме во Фудбалскиот клуб Охрид. На вондредно собрание ги избравме сите структури и можам да кажам дека клубот застанува на здрави нозе. Јас се надевам и верувам дека фудбалерите и стручниот штаб ќе ја оправдаат довербата и ќе го репрезентираат градот во најдобро светло во нашата земја.

Градоначалникот Стојаноски посака влез во повисок ранг со кој би се одбележал 100-годишниот јубилеј на фудбалот. Првиот фудбалски клуб во Охрид формиран е 1921 година. – Немам поголема желба од таа пред јубилејот клубот да биде дел од второлигашката елита. Целта ни е да го стабилизираме клубот во кој млади играчи ќе го акумулираат потребното искуство. Евентуален пласман ранг погоре ќе биде уште поголем успех за нас како Општина, а пред се за клубот.

Во Третата МФЛ фигураат 14 екипи, а пласман во Втората лига сигурно обезбедува шампионот, додека судбината на вицешампионот зависи од испаѓањето на екипите од Првата лига.

OhridNews