Охрид и Македонија, како и целиот свет, минуваат низ големо премрежје исполнето со неизвесност и страв предизвикан од пандемијата на коронавирусот Ковид 19. Oколу 1,6 милиони луѓе во светот се заразени од смртоносниот вирус од кој до сега починаа речиси 100 илјади лу]е. Глобалната економија трпи огромни штети, стопанството кај нас исто така. Голем број луѓе ги губат работните места. Туризмот, угостителството, јавниот превоз и услужните дејности се меѓу најпогодените.

Но, во овие тешки времиња има и позитивни примери кои влеваат надеж дека утре ќе биде подобро. За среќа  такви има и во Охрид иако локалната економија е меѓу најпогодените. Такси компанијата „Бел Мерцедес“ јавно соопшти дека се солидаризира со своите вработени, како и со граѓаните и во кризата предизвикана од коронавирусот ќе продолжи да работи во три смени професионално и одговорно. Бројот 13-800 останува отворен, велат од „Бел мерцедес“.

Остануваме доследни на нашите вработени и нашите патници. Ќе поминат и овие тешки времиња, а заедно со вас ќе го надминеме овој предизвик наметнат од вирусот Ковид 19. Сега е време да се солидаризираме и да покажеме емпатија кон нашите вработени исто како да не е вонредна ситуација. Ниту еден од нив нема да биде  отпуштен. Ќе се исплаќаат плати на нашите вработени кои посветено се со нас 20 години. – велат од Такси компанијата „Бел Мерцедес“.

И кафе „Ла Тераса“ се солидаризира со своите вработени. Поради кризата персоналот оди на принуден колективен одмор, но ниту еден вработен нема да биде одјавен.

Донесовме одлука никој од вработените да не биде одјавен и редовно ќе бидат исплаќани плати и придонеси. Нашите вработени 5 години се тука за нас, сега ние сме тука за нив. – велат од „Ла Тераса“.

Како што иннформиравме деновиве, големите индустриски капацитети во градот кои сериозно ја движат локалната економија, ги задржаа сите свои вработени, а позитивни најави има и од други компании. Сепак кризата е сериозна, особено во туристичкиот сектор и малите бизниси чиј опстанок е доведен во прашање. Примерите на солидарност, како посочените погоре, се разбира позитивно ќе влијаат на најпогодените сектори, кои ја очекуваат и неопходната помош од државата, што треба да придонесе за зачувување на што е можно повеќе работни места кои се доведени во опасност поради коронакризата.

Г.М.

АСП Пак пример за почит: Во тешки времиња непрекинато ја снабдува прехрамбената индустрија и во најпогодените подрачја во Европа и им помага на болниците и институциите 

Виктор Мизо: Костал не отпушти ниту еден од 650-те вработени, тие се наш влог за иднината