Намалувањето на температурите на воздухот и почестите врнежливи периоди беа причина за делумно повлекување на Одлуката  на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за огранижено движење во шумските појаси, забрана на сеча и на транспорт на дрвото пд местото на сечење до местото на живеење.

Одлуката сега важи само за демиркапискиот, гевгелискиот и валандовскиот регион каде што во текот на летото температурите се највисоки за разлика од останатите делови во државава.

Охридските еколози деновиве реагираа на забраната за движење низ шумските појаси и на забраната за сеча, а Лазо Наумоски, експерт по екологија и активен член на Еколошкото друштво “Грашница” и на Движењето на екологистите на Македонија  упати писмо до премиерот на РМ, Никола Груевски.

“Согласен сум да има контрола во период кога преовладуваат екстремно високи температури, во жешкиот период од годината која е во надлежност на Македонски шуми и шумската полиција. Сопствениците на шумите со посебни дозволи издадени од надлежните органи и под нивна контрола си ги извршуваат  неопходните работи: сеча, цепење, дотури транспорт на огревно и техничко дрво до одредена дестинација за која истото е наменето”– стои во писмото до премиерот Груевски. Наумоски предлага да се најде соодветен начин за справување со пожарите преку директни разговори на Владата со невладиниот сектор.

“Крајно време е да форсираме селективна сеча односно масовно да се сече само престарено дрво за што побрзо негово обновување и доведување во положба да ја извршува својата функција. Крајно време е да се воведат  парични стимулации во вид на месечен надоместок за заштита и одржување на шумските појаси кои се во приватен сектор и не се  помали од еден хектар единица површина. Само на таков начин ќе се зголеми еколошката свест и одговорноста кај граѓаните кон шунмата” предупредува Лазо Наумоски.

                            А. Ристоска