Денес одржаната средба помеѓу министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески и охридските бродари не вроди со плод.

Имено, претставниците од Здружението на бродари на средбата во Скопје ги изнеле своите барања и предлози за решавање на проблемот и актуелната забрана за пловидба, но до поместување од веќе познатите позиции не дошло. Тоа значи дека бродовите и понатаму остануваат закотвени на охридското пристаниште поради изречената забрана за пловидба од страна на Капетанијата, поради неизвршен технички преглед.

На средбата, како што информираат од Министерството за транспорт и врски, на претставниците на бродарите им било уакажано дека  треба да ги исполнат законски обврски и да извршат технички преглед на бродовите со цел безбедно одвивање на водниот сообраќај.

– На претставниците на бродарите им се укажа на законските обврски кои се усогласени со законодавството на Европската унија и имаат за цел овозможување на безбедна внатрешна пловидба со пловни објекти кои ги исполнуваат сите потребни технички стандарди. За исполнување на овие обврски, сопствениците на бродови треба да ги извршат потребните технички прегледи и да ја обезбедат соодветната документација како би можеле да оперираат со пловните објекти, се вели во соопштението од Министерството.

Охридските бродари своите ставови, вчера, ги изнесоа и пред Советот на општината кој усвои заклучок за надминување на проблемот. 

Ohridnews