Охридските бродари не се големи оптимисти дека ќе се изнајде решение за проблемот, бидејќи, како што велат, листата на услови кои треба да ги исполнат е предолга и целата процедура околу изготвување на техничката документација и прегледот на пловните објекти не може да се заврши во краток рок. Поради тоа тие стравуваат дека оваа сезона за нив е завршена.
Од Капетанијата на пристаништата велат дека проблемот е решлив и дека само е потребно бродарите да се договорат со овластениот бродски регистер „Биро Веритас“.
– Доколку сопствениците на патничките бродови се договорат со овластениот регистер на бродови „Биро Веритас“ да биде пролонгиран рокот за технички преглед до завршување на туристичката сезона, Капетанијата на пристаништата ќе ја симне забраната за пловидба, изјави за OhridNews раководителот на охридската Капетанија, Љупчо Настоски.
Тој вели дека сопствениците на закотвените патнички бродови кои пловат на Охридското Езеро, со овластениот претставник на „Биро Веритас“ во Белград треба да разговараат и за условите на плаќање на техничкиот преглед, но истиот мора да биде извршен.
Бродовите „Галеб“, „Кристина“, „Александрија“ и „Македонија“ од саботата се закотвени кај градското пристаниште. Бродарите негодуваат на цените за технички преглед, кои според нив се превисоки и бараат, тоа да го направи друга овластена компанија по пониски цени. Тие тврдат дека според меѓународните стандарди можат да пловат до 90 дена од истекот на рокот за регистрација и бараат од Капетанијата да ја симне забраната додека не се изнајде решение за проблемот. Својот револт кон Капетанијата тие секојдневно го изразуваат со вклучување на сирените од бродовите, а најавуваат дека од државата ќе бараат да им ја надомести штетата што ја трпат поради забраната за пловидба во екот на туристичката сезона.