Охридските бродари бараат измени во Законот за внатрешна пловидба со цел да се зголеми безбедноста во езерскиот сообраќај, која е целосно разнишана по минатогодишните инциденти. Бродарите бараат државата да го среди хаосот во Езерото и да ја реорганизира Капетанијата, но клучно според нив е да се обезбедат услови техничкиот преглед да се врши на копно.

-Светски стандард е бродовите еднаш на пет години да се извадат на суво заради технички преглед. Тоа е неопходно и од безбедносен аспект, но и за да се утврди староста на пловилата. За жал кај нас услови за таков технички преглед нема, вели Зоран Гилески, сопственик на бродот Александрија.

Охридските бродови на копно не се прегледани цели 15 години. Покрај тоа проблем претставува и неусогласената бродска евиденција, која според Здружението на бродари сега се води благодарение единствено на совесноста на посадите, кои пак се соочени со неможност да добијат звања за вршење на дејноста во земјава.

– Во Македонија не постои Комисија кај која можете да се обратите и да добиете професионално звање на брод, вели Горан Устијаноски од Здружението на бродари од Охрид.

Своите барања Здружението на бродари ги доставило на Министерството за транспорт уште на почетокот на април, но се уште не добило одговор на истите.

На Охридското Езеро минатата година покрај големиот број случаи на давење беа евидентирани и рекорден број судари и несреќи на пловни објекти, кои однесоа 25 животи.

Г. Момироски