Изминатиот викенд во Штип се одржа последното коло од првата и младинската бокс лига на Македонија каде боксерите од клубот “Алексо Огненовски” зедоа учество со шест свои натпреварувачи.

Во младинската лига во една неизвесна завршница со победата на Димитар Ѓорески против Јоаким Јованоски успеаја да ја преминат екипата на Шкендија од Тетово и да го освојат третото место во генералниот пласман.

Покрај Димитар Ѓорески настапи и Матеј Баткоски кој беше поразен со 2:1 од боксерот од клубот Аперкат од Скопје.

Најдобриот боксер на Охриѓани, Енис Алиу, се бореше во првата лига, совладувајќи го по втор пат противникот од клубот  Универзалци Стефан Цингуровски со прекин во втората рунда, и со тоа ја заврши сезоната без пораз во своите настапи.

Малку фалеше Охриѓани да бидат трети и во првата лига каде останаа во негатива од два бода зад екипата на Пелистер.

Мартин Јузмески, Меритон Јусуфи и Петар Трајчески немаа противници во последното коло.

Следниот настап на Охриѓани е на 4 Ноември во Шабац во Балкан Опен лигата каде силите ќе ги одмерат со најдобрите боксери од регионот.

OhridNews