За празникот „Св. Трифун“, во охридскиот регион врзани се многу обичаи и ритуали кои со векови наназад  се пренесувале меѓу народот. За многумина во градот, 14-ти февруари претставува најсвет ден во годината, со чие празнување се отсликува традицијата од минатото. Почнувајќи од зарежувањето на родните стебла, полевањето со вино, избирањето кум па се до масовни прослави во чест на овој светец.

Несомнено дека охридските бавчанџиски фамилии, се главните виновници поради кои до денес се зачувани автентичните форми на празнување врзани за овој ден.  Повеќе од 10 години, Волкановци, Петановци, Маленковци, Котљаровци, Василевци, Ќосевци, Мишевци, Киторзовци и Милошовци ја продолжуваат традицијата на своите претци, која била прекината во 60-тите години.

Последното традиционално славење на „Св. Трифун“ е одржано во нашата куќа, пред половина век. По долг период на пауза, пред десетина година Илче Петан ги собра повеќето бавчанџиски фамилии, за повторно да го славиме празникот на еден уникатен начин. Жално што сите ние не останавме професионални бавчанџии,со оглед на тоа што лебот кој го јадевме беше натопен со жешки солзи.  Тој е еден од најмакотрпните занаети.“ – вели охриѓанецот Климент Волкан.

Секоја година, бавчанџиите имаат свој кум-домаќин, кај кого заеднички се прославува празникот. Во минатото, тој се одредувал преку влечењето јаболко, во чија внатрешност се поставувало пара.

Порано, членовите на фамилиите што биле бавчанџии, кумството го избирале преку влечење на јаболка. Во едно од нив, било скриено парето. Домаќинот не учествувал, за да нема повторување. Сега, секоја година имаме различен кум, кој се јавува доброволно. Откако ќе поминеме сите, во иднина ќе продолжиме со влечењето овошје.“ – додава Волкан, чија фамилија во минатото била токму бавчанџиска.

Покрај одредувањето на кумство, за овој празник врзани се и низа други ритуали и обичаи. Меѓу нив се крштевањето на „Трипунска вода“, пеењето леб  и зарежување на овошките кои даваат род.

Новиот домаќин, меси проскура која се носи во црквата Св. Никола -Геракомија. Уште од 9 часот наутро, започнува црквена литургија. Откако литургијата завршува, во дворот на храмот се пее лебот, водата и виното. Сите земаме од крстената вода и босилокот, а со едно шише вино одиме во лозјата да ги зарежеме. По традиција, се зарежуваат три пенушки во форма на крст, кои се полеваат со малку вино.“ – вели нашиот сограѓанин Волкан.

годинашниот кум Иван Мише

За во иднина, охридските бавчанџии се надеваат дека ќе ја воскреснат старата традиција, а нивните деца ќе продолжат да го чествуваат празникот „Св. Трифун“ како што му доликува.

 

Инаку, денеска во црквата „Св. Никола Геркомија“ по повод празникот се одржа свечена литургија, а во дворот на духовниот храм беше зарежано  стеблото на дрвото смоква. Како што истакнуваат свештените лица, често пати светецот е поистоветуван со алкохолот, што е апсолутно погрешно и нехристијански.

Светиот маченик  Трифун е роден во Кампсада во Фригија. Во детството чувал гуски, но уште тогаш се истакнал со исцелителска способност. Лечел болни од разни болести и од луѓето ги бркал лошите демони.

За неговите чуда се расчуло надалеку, поради што бил викнат во Рим кај царот Гордијан за да ја излечи неговата ќерка Гордијана која што страдала од душевна болест и која што не можел да ја излечи ниту еден лекар. Трифун за кусо време ја излечил и се стекнал со уште поголема слава. Со маченичка смрт умрел за време на царот Деције на 21-годишна возраст.

O.T.