Заводот за превенција лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања во населбата Свети Стефан во Охрид, ја изврши 500 коронографија.

Јубилејната интервенција ја изведе д-р Никола Бакрачески со асистенција на стручен тим од болницата.

„Ова е најважниот јубилеј за нашата институција посебно затоа што кога пред пет години се зборуваше за воведување на интервентна кардиологија постоеја многу скептици дека ќе успееме, но една година и четири месеци по воведувањето на проектот резултатите се видливи“, ни изјави д-р Никола Бакрачески, директор на Заводот за кардиологија во Охрид.

Статистичките податоци покажуваат дека не заостануваме зад другите центри во регионот што е посебен поттик за сите вработени и генерациите што доаѓаат да постигнуваме уште поголеми успеси во светски рамки, додава Бакрачески.


Заводот за кардиологија ја одбележа 500-та интервенција

Во моментов интервентна кардиологија изведува само еден тим, но во тек е перманентна обука на кадар од Заводот за кардиологија во Охрид на познати регионални и светски клиники, објаснува Бакрачески. Тој информираше дека до крајот на годината уште еден доктор ќе биде обучен за изведување интервентна кардиологија, а плановите се наредната година да биде обучен уште еден тим.

Целта е  Заводот за превенција лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања кој годинава одбележува јубилеј 25 години од постоењето да прерасне во респектабилна здравствена институција во која ќе се вршат сложени зафати, вели Бакрачески. Фактот дека услугите на оваа здравствена установа ги користат се повеќе пациенти од регионот, најмногу од Алнбанија, е само потврда за огромниот потенцијал кој го поседуваме, додава д-р Бакрачески.

Горан Момироски