Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, денеска на плоштадот „Чинар“ се одржа традиционалниот Велигденски базар. Присутните на бројните тезги имаа можност да купат велигденски украси, сувенири и традиционални македонски специјалитети.
Како што истакна вд градоначалникот Костантин Георгиески, традиционалниот Велигденски базар кој годинава се одржува по шести пат, станува препознатлив дел од одбележувањето и прославата на големиот празник Велигден.
- Овој настан полека, но сигурно, зазема и важно место на охридската туристичка разгледница како промотор на ракотворбите изработени од вредните раце на охридските ученици и вработени во охридските компании како и традиционалните македонски специјалитети подготвени од учениците од средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“. Денес, со купување на она што е изложено на базарот стануваме дел од хумана мисија, добар пример за нашите деца затоа што ги учиме на поинакви вредности – споделување, помош и хуманост. Со желба позитивните мисли и спокојот да ве водат во празничните денови што ни престојат Ви го честитам големиот христијански празник Велигден со желба за добро здравје , среќа и семејна хармонија- истакна Георгиески.
Настанот секоја година се одржува во организација на ЈП „Градски пазар“, а со поддршка на локалната самоуправа.
- На наше големо задоволство од година во година се повеќе се зголемува заинтересираноста на локални производители на традиционални јадења и изработувачи , занаетчии и фирми на ракотворби кои учествуваат на овој базар. Покрај промотивен базарот има пред се хуманитарен карактер. Собраните средства во духот на христијанскиот празник Велигден ќе се донираат во хуманитарни цели- рече директорката на ЈП „Градски пазар“, Кристина Крлеска – Деспотоска.
Велигденскиот базар беше збогатен со уметничка програма на која учествуваа децата од ЈОУГД „Јасна Ристеска“ и учениците од основните училишта во Охрид.
OhridNews