Охридскиот уметник Сашо Блажес со самостојна изложба „No escape from reality” во Касарна Хаб. Изложбата ќе содржи 12 дела изработени во комбинирани техники, една инсталација и едно кратко видео, а тематиката ги соединува делата од неговите последни изложби, двете во Париз, во Грац и последната во Венеција.
После самостојните излагања во Грац, Париз и Венеција оваа година почувствував потреба да претставам дел од моите досега неизложени дела од моите најнови циклуси во Охрид, но, овој пат во еден неконвенционален, „експериментален“ простор, во Касарна Хаб. Изложбата ја предизвикува јавноста на едно размислување за својот идентитет и значењето на нивните најинтимни искуства, поттикнувајќи ја на размислување за она што произлегува од длабочините и она што ние претпочитаме да го криеме, вели Блажес.
Уметникот Блажес создава еден контемплативен простор, каде што уметноста се спојува со егзистенцијалната филозофија и внатрешната медитација, нудејќи пат кој води кон повторно откривање на идентитетот во постојана трансформација.
Сашо Блажес е роден во 1980 година во Охрид, каде живее и работи. Дипломирал во 2006-та година на Универзитетот за ликовни уметности во Букурешт, Романија, како еден од најдобрите студенти на графичкиот отсек. За време на магистерските студии (2006-2008) бил вклучен од катедрата за графика во изготвувањето на неколку универзитески трудови од областа на графиката и графичките техники на Универзитетот. Зад себе има реализирано шестнаесет самостојни изложби во Македонија и во странство, а има учествувано на бројни групни изложби во Австрија, Германија, Романија, Шведска, Јапонија, САД, Канада, Италија, Бугарија. Негови дела се наоѓаат во приватни збирки во Норвешка, Романија, Германија, Франција, Италија, Австија и Австралија.
Изложбата ќе биде отворена за јавноста на 27 декември (во петок) 2024 година во 12 часот и ќе биде проследена со предновогодишна забава во просториите на Касарна Хаб.
OhridNews