Како угостители ги прифаќаме и во целост ќе ги почитуваме препораките на владата за заштита од коронавирусот при што се редуцира работното време на кафетериите, рестораните и останатите угостителски објекти до 18 часот, велат охридските угостители. Тие се надеваат дека ќе добијат дополнителни објаснувања во однос на препораките кои се однесуваат на редуцираниот број на маси во објектот, начинот на служење на пијалоци.
Штета, велат тие, повеќе од сигурно е дека ќе има.
- Секако дека ќе претрпиме штети како угостители поради намаленото работно време, намалената посетеност поради општата паника која опрадвдано или не се создава кај граѓаните. Но секако дека здравјето на луѓето е најважно. Се затвораат училиштата, факултетите, кината, театрите, поради општествената добробит мора да се почитуваат препораките на надлежните, вели претседателот на здружението на охридските угостители, Михаил Мишев.
Охридските угостители се надеваат дека ваквата состојба ќе се надмине за во текот на наредните две седмици.
- Работењето до 18 часот и со намален капацитет значи дека воопшто нема да функционира една цела работна смена во денот. Ако трае подолго време тогаш ќе треба да се вршат нови екипирања, отпуштања од работа што би придонело за низа несакани последици од социјален аспект, до кои се надеваме нема да дојде, вели Мишев.
Доколку ваквата состојба трае подолго од неколку седмици, угостителскиот еснаф од државата очекува помош или некакви олеснувања со цел полесно да се надминат тешкотиите во работењето поради мерките и препораките за заштита од ширење на коронавирусот.
Т.К.