Изминатата туристичка  сезона е една од најлошите во последните петнаесет години, за што директна одговорност сносат локалната и централната власт кои продолжуваат да ги игнорираат проблемите кои од сезона во сезона се наталожуваат, оцени Општинскиот комитет на ВМРО Народна парија, на денешната прес конференција.

– Пред почетокот на изминатата летна сезона во организација на нашата партија се одржа трибина на која беа воочени проблемите и беше укажано што треба да се направи да се подобрат состојбите во туризмот. И покрај укажувањата дека надлежните институции на локално и централно ниво и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот треба да го подигнат нивото на соработка за да се подобри промоцијата на туризмот,  условите и  безбедноста во Охрид, тоа не се случи, што резултираше 2010 да биде една од најлошите туристички сезони во Охрид, истакна Ванчо Костоски, претседател на охридскиот огранок на ВМНРО НП.

Како причина за слабата сезона Костоски ја наведе и забраната за пловидба на охридските бродови во туристичкиот шпиц од што загуба претрпеле не само бродарите туку и туристичките комплекси, особено Св. Наум, каде како што посочи, проблем се уште претставува и неуредениот простор.

-Иако уште пред неколку месеци покренавме иницијатива до Владата тој простор да му се отстапи на Националниот парк „Галичица“ одговор и понатаму немаме добиено, додаде Костоски.

Тој истакна дека за да се подобрат состојбите во туризмот локалната и централната власт мора да почнат да соработуваат, во спротивно една од најдоходовните стопански гранки во Охрид и натаму ќе продолжи да тоне.

OhridNews