Нерегистрирани туристички агенции кои нелегално организираат туристички патувања, диви туристички водичи и превозници, некатегоризирани сместувачки капацитети, се само дел од проблемите со нелојалната конкуренција, од кои долги години  страда туристичкиот имиџ на Охрид.

Туристичките работници велат дека иако постојано предупредуваат на овие проблеми и предлагаат решенија за ставање на ред во туристичката сфера, надлежните се уште немаат преземено конкретни мерки за надминување на оваа состојба.

-Треба да се организира некоја туристичка полиција која што ќе функционира и којашто ќе работи, ќе ги сопре тие диви агенции, диви превозници и така натаму. Имаме многу предлози дадено како ХОТАМ, не треба многу да измислуваме нови работи, тоа се веќе измислени работи кои постојат во модерните туристички места во светот.– вели Крсте Блажески од ХОТАМ.

Со нелојална конкуренција се соочуваат и лиценцираните туристички водичи. Според нив проблемот е во хиперпродукцијата на водичи со слаб квалитет, кои за да опстанат на пазарот ја уриваат цената на трудот.

-Сега како е поставено, секој може да добие лиценца без оглед дали знае добро знае јазик или има претходна стручна наобразба. Наместо сегашните 7 испити коишто се полагаат за туристички водич треба да се воведе подолготраен курс и да има пракса. – вели Катерина Василеска – лиценциран туристички водич.

ФТУ од Охрид во соработка со здружението на туристички водичи „Кеј“ , работат на нова програма за туристички водичи која, според најавите, ќе биде пообемна и поопфатна и ќе овозможи повисок квалитет на наобразба на новите кадри.

-Ова го работиме година и пол, но за жал не беше прифатена од владата, која требаше да ја изгласа. Се надеваме дека тоа ќе биде направено и дека ќе биде прифатена од сите високообразовни институции од областа на туризмот: ФТУ Охрид, ФТУ Штип и приватниот факултет од Скопје.-изјави Климент Наумов од Здружението на туристички водичи „Кеј“ од Охрид.

Турисичките работници предупредуваат дека е крајно време да се елиминираат недостатоците кои се провлекуваат долги години, во спротивно велат тие, Македонија ризикува да биде истисната од конкуренцијата на пребирливиот пазар каде квалитетот на услугите е клуч на успехот.

Г.М