Владимир Четкар во интервју за Ohridnews

Ohridnews: Каде се движи твојата музичка кариера по соработката со легендарниот европско-американски бенд Jestofunk познат по албумите во платинести тиражи, снимени со врвните музичари како Jocelyn Brown, Fred Wesley и  Cece Gogers ?

Владимир Четкар: Најголем успех за мене досега е поканата на Jestofunk да учествувам во снимањето на нивниот најнов четврти албум како главен вокал, гитарист и композитор со најмалку повеќе теми. Ангажманот за албумот што треба да излезе до наредното лето, е круна на мојата 10 годишна работа како музичар во Америка и Европа, процес со многу жртви. Снимањето беше годинава во италијанскиот град Фиренца во студио на прекрасните тосканските ридови, каде материјалот на албумот е во постпродукцика фаза. Пресреќен сум што сум дел од овој голем интернационален проект, што ќе биде промовиран на светско ниво. Продуцентите и членовите на Jestofunk, Blade from Jestofunk, Kekko Farias и Moz-Art, за прв пат соработуваат со музичар од Балканот и јас ја искористив можноста да ги запознам со Македонија и родниот Охрид. Посебно е чувството да се соработува со музичари од ваков висок калибар, кои се татковци на “неколку химни во светот на клубската денс и фанк музика” и инспиратори на познатите продуценти и ди џеи како Joey Negro, Bob Sinclar и Dimitri from Paris. Покрај комплетниот музички пакет, на Jestofunk им дадов свежа енергија и нови идеи, а проработи и хемиска врска меѓу нас. Тие ме открија благодарение на позитивните критики што Dimitri from Paris и други продуценти и ди џеи ги дадоа за мене на еден познат лондонски музички сајт и преку настапот на британското BFBS radio 1, едно од најголемите радија во светот каде мојата песна “Ocean of love”, беше прогласена за песна на летото од 250 милионска публика од Европа до Катманду и Брунеите.


         Во моментов сум во Охрид, каде работам на потпишување на интернационални договори со уште три музички куќи, меѓу кои е и Diamond / Paprika records, што ќе пласираат проекти на светската сцена. Во јануари ќе учествувам на MIDEM најголемиот интернационален саем за музички изданија во светот, што ќе се одржи во Палатата на фестивалите во Кан на францускиот азурен брег. Моето учество таму се должи на изборот што го направи италијанската музичка куќа Diamond Records, што на саемот во Кан ќе ме претстави со нивно CD.


Ohridnews: Како ја оценуваш сегашната охридска културна сцена ?

Владимир Четкар: Можеби е нескромно да се каже, но мислам дека најголемиот дел охриѓани сеуште не ја почувствувале божественоста на Охрид, веројатно поради проблемите кои ги притискаат од секојдневието или поради неинформираност. Имаме чест и можност да живееме во град кој низ милениумите опстојувал и оставил белег во антиката и другите историски периоди како духовна и културна престолнина. Тоа оставило многу цивилизациски слоеви, во кои секој од нас може да се идентификува и препознае, на што имаме право како наследници на некогашниот Лихнид и цивилизациите што постоеле тука. Наоѓајќи се на крстосницата меѓу Истокот и Западот, Охрид некогаш бил центар на многу случувања во минатото, кога охриѓаните уживале во богатиот културен живот, чиј дел бил и големиот антички театар но и другите форми од кои потоа се родила европската култура. Некогаш овде уметноста се создала како спој на византиската класика со христијанството, што за мене е зародиш на македонската ренесанса 500 години пред италијанската, а сега Охрид е само сенка на својата историја. Со Охридско лето како само еден реномиран фестивал во годината и со културен мрак по летото, културна сцена во Охрид е на многу ниско ниво. Живееме во период на духовна беда, кога овде процветува нешто што не е автентично за овие простори, како кич културата и турбо фолкот што според мене се туѓи на днк-та на правиот охриѓанец и го деградираат духот на овој град. Ние имаме своја автентична етно историја и култура, но треба да направиме и достигнувањата на глобалната светска цивилизација да стигнат кај нас. Овде мислам на модерните интернационални правци во музиката, што ги прифатил целиот свет како што се класиката, џезот и поп културата, што треба во поголеми количини да ги уживаат и охриѓани. Со тоа, според мене, Охрид би си ја вратил старата слава што ја имал низ историјата, а ние така ќе го продолжиме делото на милениумските напори на нашите претходници.


Ohridnews: Надвор од земјава, каде те препознаа како музичар, доживеа интернационална афирмација. Колку Охрид те валоризира како уметник и те користи како амбасадор на нашата култура ?

Владимир Четкар: Драго ми е што Бостон и Америка,каде се едуцирав и работам, изградив свое име и сум дел од најзначајните настани во престижни места во градот, каде сум имал прилика да настапам пред “деликатни уши” познавачи и сладокусци на музиката. Бостон е град на науката и американската интелегенција, каде е многу тешко човек да се пробие, поради што уште повеќе ми значи вниманието што го добивам од публиката и медиумите. Но и покрај тоа што сакам многу да направам за Охрид, кој многу ми дал мене, мислам дека охриѓани малку знаат за мојата работа. Јас не можам да се наметнам, туку треба некој да ме повика за да се види мојата работа што ме однесе високо на професионалната музичка сцена во светот. Моите најубави теми и композиции сум ги напишал инспириран од Охрид, дишејќи го неговиот воздух и гледајќи ги овдешните зајдисонца. Затоа мислам дека овде може да се работи и повеќе од светски, доколку луѓето посегнат по инспирацијата што се нуди самата.


 
Ohridnews: Пред новогодишните празници сме, дали ќе свириш на 31-ви декември негде и каков е амбиентот тука наспроти светот, каде изминатава деценија ги славеше Нова Година Божик ?

Владимир Четкар: Сеуште не знам со сигурност каде ќе сум за дочекот на Новата 2007-ма, имам некои преговори за настап низ бостонските џез клубови, но поради ангажманите во јануари во Европа, можно е да останам и во Охрид. За новогодишните празници во Америка амбиентот е гламурозен, а Бостон е украсен со многу вкус по светските трендови, со цел да се влијае позитивно на луѓето. Ние не можеме постојано да се правдаме дека немаме доволно услови и средства, зошто може и на скромен начин да се постигне елегантен празничен ефект, што конечно ќе го замени панаѓурскиот лик на градот. Така ќе го поткренеме и духот на луѓето што ни е многу потребно, зошто само тоа може да не избави од дното на кое сме паднати.

Разговараше и текстот го подготви

Нина Кепеска