Вечерва во рамки на програмата на Охридско лето на малата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“, охридскиот Народен театар ќе ја изведе премиерата на претставата „Стари времиња“ од Харолд Пинтер.

Режисерот на претставата Нела Витошевиќ истакна дека комплексноста на темите кои ги обработува авторот Пинтер и комплексноста на неговиот стил на пишување бара огромна зрелост и од режисерот и од актерите.

-Јас сега се почувствував доволно зрела да се соочам со ваков предизвик и комплициран текст и едноставно да се нурнеме сите во таа психолошка драма и да успееме да ги отвориме тие психолошки карактери и судбини на ликовите и да извадиме максимум од драмскиот текст. Успеавме да направиме еден колаж од сеќавања, една растурена сложувалка на сеќавања. На публиката и даваме можност сама да ја сложи сложувалката и не и даваме одговори, бидејќи авторот како таков вели дека нема една вистина во текстот и дека има повеќе вистини, вели Витошевиќ. Таа објасни дека една од темите со кои се занимава авторот во овој текст е кризата на бракот во 40-те години, односно како старите времиња влијаат во сегашноста на ликовите и како со евоцирање на спомените на минатото се отвараат сите фрустрации, копнежи и болки на ликовите.

Витошевиќ  истакна дека во подготовките за претставата добила голема поддршка од актерската екипа составена од Горан Стојаноски, Јасмина Билаловиќ и Ирена Ристиќ.

Директорката на Центарот за култура „Григор Прличев“ Драгана Боцевска истакна дека им претставува голема чест што нивната институција е дел од програмата на 55-то јубилејно издание на фестивалот Охридско лето.

-Претставата „Стари времиња“ е 14-та премиера на Народниот театар од Охрид и со голема поддршка на Министерството за култура театарот се здоби со поголем  уметнички и технички потенцијал. Можам да кажам дека од година во година нашите услови за работа се подобруваат што придонесува за подобар квалитет на претставите  и поголема ранзоликост на театарскиот репертоар, рече Боцевска.

Таа изрази надеж дека соработката со фестивалот Охридско лето ќе продолжи и во иднина.

Е.М

Фото:„Мега продукција“