Со нов државен рекорд, соборен по речиси цели 10 години, младиот Бојан Спасеновски од ЖСК ,,Лихнидос“ успешно ја завршува натпреварувачката сезона во национална програма.
Имено на Државното првенство што викендов се одржа на стрелиштето во гимназијата Раде Јовчески Корчагин во Скопје, Бојан со извонредни 187 кругови или по серии 90, 97 го надминува стариот рекорд на Македонија кој исто така го држеше охридскиот стрелец Бобан Апостолоски за цели 4 кругови. Ваквиот превисок резултат со сигурност ќе остане долго запишан во историјата на македонското стрелаштво, а прашање е дали некој до 15 годишна возраст би можел и во иднина да постигне ваков солиден резултат.
Во екипна конкуренција пионери, трето место со резултат од 487 кругови за клубот на ЖСК ,,Лихнидос“ во состав: Спасеновски Бојан, Спироски Никола и Ванѓеловски Андреј. Во категорија сениори, трета позиција повторно за екипата на ЖСК ,,Лихнидос“ во состав: Благоја Ѓорѓиески, Томе Ристески и Тони Филипов, со резултат од 974 кругови. Во поединечна конкуренција, со бронзен медал се закити Благоја Ѓорѓиески со резултат од 339 кругови, само два помалку од второпласираниот.
Оваа сезона во национална програма СК ,,Охрид“ поради преминот на стрелците во меѓународна програма, остана само со две одличја и тоа: трето место поединечно за Марија Ангеловска со резултат од 174 кругови, како и трето место екипно во конкуренција на пионерки во состав Марија Ангеловска, Теодора Синадиноска и Елена Јосифоска со резултат од 364 кругови. За Бојан Спасеновски и Марија Анѓеловска би требало да следи стипендија спортска надеж, што Агенцијата за млади и спорт ја доделува на успешни и врвни спортисти. Од наредната натпреварувачка сезона, дел од пионерите преоѓаат на меѓународен програм, но дефинитивно, Охрид е извор на талентирани спортисти, кои со добро организиран тренажен процес, стануваат врвни спортисти.
OhridNews