Советот на Општина Охрид остро реагира на начинот на кој се уредуваат плажите на охридското крајбрежје. Во соопштение до јавноста кое ви го презентираме во целост, советниците ја обвинуваат Владата за начинот на кој се уредуваат охридските плажи.
Советот на општина Охрид на 36-тата седница,констатира редица недоследности и отстапувања во уредувањето на плажите и крајбрежниот простор во Општина Охрид. Бидејки, со Езерото и крајбрежниот простор управува Бладата на РМ,преку ресорното Министерство за транспорт и врски,Советот се оградува од евидентната девастација и нарушувањето на крајбрежјето, се вели во соопштението.
Советот на општина Охрид, не е против уредувањето на крајбрежието и плажите, но во интерес на граѓаните на Охрид, а и пошироко, има задача да ги презема сите легални активности за да се стави крај на уништувањето на брегот на Охридското Езеро и нарушувањето на неговиот природен екосистем и на она што со милиони години го творела природата – она со кое сме познати и признати и заради кое сме ставени во регистарот и под контрола и заштита на УНЕСКО.
Советот на општината Охрид, се вели понатаму во соопштението, е длабоко свесен за несогледивите и непоправливите последици од овие лошо испланирани,непродуктивни активности кои се на сметка на непроценливата загуба на сите нас и на нашата култура , нашата слика пред нашите поколенија пред се,како и пред светската јавност.
Советот на општината Охрид е уверен дека во деновите кога се мониторира секој потег на Владата на РМ пред европските институции,овие постапки со сигурност ќе не девалвираат во очите на светската јавност,ќе не пласираат многу ниско во оценката за нашата култура и нашиот однос спрема културното и природното наследство.
Ја повикуваме Владата, преку своите министерства и другите државни органи и институции континуирано да ја следи релизацијата на одобрените проекти и состојбата на крајбрежјето на Охридското Езеро и преземе соодветни мерки и ја известува јавноста, се вели во соопштението што денеска до јавноста го испрати Советот на Општина Охрид.