Доколку ЗЕЛС, не ги инкорпорира советите на општините  рамноправно во неговото работење, а исто така и во органите на управување и доколку не излезе во пресрет на ова барање до 1 септември, прашањето за учество на Советот на општина Охрид во ЗЕЛС ќе биде ставено на дневен ред на првата седница на советот во септемви и ќе донесе конешна одлука за евентуално излегување од заедницата. Ова е ставот на координаторите на сите советнички групи што партиципираат во работата на советот на општина Охрид , што беше изнесен на прес конференција денеска.

Советот на општина има сериозни забелешки на работата на Заедницата на единиците на локалната самоуправа – ЗЕЛС, и најавува преиспитување на односот со здружението формирано да ги штити правата на општините.

 “Градоначалниците ги преземаат ингеренциите на Советот кој е прв орган на локалната самоуправа“, вели претседавачот на охридскиот Совет, Владо Чингоски. Според него не може да бидат преземени обврските кои се во надлежност на советот и не може градоначалниците сами да одлучуваат во име на општините.

Единиците на локална самоуправа се партнер на владата во преговорите, но градоначалниците директно разговарат за проблемите на пошироката заедница, без притоа да се слушне гласот на 85 совети со 1600 советници избрани на непосредни избори, вели Чингоски.

Координаторите на советничките групи кои партиципираат во работата на советот на општина Охрид, бараат измена на статутот на ЗЕЛС и рамноправен третман на советите во работата на здружението, за што како што беше истакнато на денешната прес конференција, подршка добиле и од други градски совети. Неодамна Советот на општина Кисела вода на редовна седница покрена иницијатива за формирање здрушение на општински Совети, а на слична бранова должина се и повеќе други совети, истакнуваат од Советот на општина Охрид.

Оттаму велат дека нивната иницијатива не е одговор на прес монференцијата на претседателот на ЗЕЛС, Андреј Петров и Министерството за локлан самоуправа на која се критикуваа советите за висината на хонорарите кои ги добивале советниците, туку легитимно барање за почитување на правата на Советите рамноправно да партиципираат во ЗЕЛС каде се носат суштински одлуки од интерес на граѓаните чии  застапници се советниците.

 

Г. Момироски