Самитот на претседатели на државите од Централна Европа што на 2-ри и 3-ти мај ќе се одржи во Охрид претставува огромна шанса за афирмација на нашите интереси и нашите позиции по клучни прашања кои во овој период претставуваат највисок приоритет, истакна претседателот Бранко Црвенковски на средбата со новинарите што денеска се одржа во х. Инекс. „Со овој Самит меѓународната позиција на Македонија ќе стане посилна“, рече Црвенковски. Претседателот на држава упати апел до медиумите да го искористат присуството на бројните колеги од светот и да им ја објаснат македонската позиција во актуелниот спор со името.
Според Црвенковски, Македонија е подготвена успешно да го организира Самитот на претседатели на држави од Централна Европа, на кој учество ќе земат делегации од 19 држави од кои 17 ќе бидат претствени на претседателско ниво. Во Охрид поради неодложни обврски нема да допатуваат претседателите на Италија и Романија, Наполитано и Басеску.
Самитот во Охрид ќе биде највисок политички настан кој некогаш се одржал во нашата земја. Десет земји се членки на ЕУ и НАТО, три се кандидати , а останатите се аспиранти за влез во Унијата, напомена Црвенковски. На Самитот ќе се дискутира на две теми: Процесот на проширување на ЕУ и влијанието на тој процес врз националните економии, и Ененергетските перспективи и предизвици на регионот, а ќе бидат изградени ставови и за клучните прашања во регионот.
На отворањето на Самитот свое обраќање ќе има и премиерот Никола Груевски кој го потврдил учеството на Самитот. На самитот во Охрид како што беше истакнато денеска нема да присуствува делегација на Косово, затоа што во овој момент членките на иницијативата не може да биде постигнат консензус по ова прашање.
Инаку Охрид и денеска забрзано се подготвува за дочек на високите гости. Се дотеруваат улиците и парковите и се поправа сообраќајната сигнализација. Во времето на доаѓањето и заминувањето на делегациите во одредени делови на градот на сила ќе биде посебен режим на сообраќај.
ohridnews