Земјите од Балканот имаат европска перспектива и тие треба да бидат интегрирани во Европа, беше истакнато во првиот дел од пленарната расправа на Самитот на претседатели на државите од Централна Европа што се одржува во Охрид.
По ниедна цена не смее да се дозволи на Балканот да остане црна дупка, истакна во своето обраќање словенечкиот претседател Данило Турк. Тој напомена дека Македонија и Грција треба да изнајдат фер компромис во спорот со името, но упати и јасна порака дека претстојните парламентарни избори во земјата мора да бидат фер и демократски.
Чешкиот претседател Вацлав Клаус смета дека Европа не е ничија сопственост, туку таа им припаѓа на сите земји. Тој уште еднаш го повтори ставот на Чешка која е против признавање на Косово. Клаус смета дека дека меѓународната заедница треба да има унифициран настап по ова прашање.
Наспроти него албанскиот претседател Бамир Топи истакна дека Косово е уникатен случај и реалност на Балканот. Тој во својот говор се задржа на енергетските перспективи на Албанија при што искажа амбиции оваа земја да прерасне во регионален енергетски центар.
Поголеми амбиции во тој дел најави турскиот претседател Абдула Ѓул. Тој најави дека целта на Турција е да стане 4-та енергетска артерија која ќе ја снабдува Европа.
На енергетските перспективи се задржа и претседателот на Молдавија Вороњин, додека хрватскиот претседател Месиќ ги отвори и прашањата за финсиската и кризата со храна во светот. Во своето обраќање Месиќ истакна дека во регионот сеуште има неевропски сили кои Европа ја немаат во нивните агенди. Изборите во некои држави во регионот можат да донесат разрешница на таа дилема, рече Месиќ.
Вториот дел од пленарната расправа продолжува утре, а во меѓувреме претседателите ќе ги разгледаат културно историските знаменитости на Охрид. На Плаошник тие ќе бидат пречекани од поглаварот на МПЦ г.г. Стефан. Попладнево предвидени се повеќе билатерални средби, а за учесниците на Самитот претседателот Црвенковски вечерва ќе приреди свечена вечера.
ohridnews