На Академијата за одржлив развој во УНЕСКО подрачја , што се одржува  во Торино, Италија , во кампот на ОН , беше преставен Охридскиот регион со две презентации за планот за управување со културното и природното наследство и за управувањето со Прекуграничниот биосферен резерват на УНЕСКО Охрид / Преспа.

Покрај презентираните активности на Охридскиот регион од почетокот до сегашната состојба, од страна на М-р Зоран Павлов од Управата за заштита на културното наследство  беше изнесена потребата за зачувувањето на автентичноста и за конзервација на културните вредности, а во однос на развојот и иднината дека треба јасно да се знае што се сака. Од аспект на природното богатство преставникот Дејан Пановски укажа на  уникатноста, пејсажните и ендемичните вредности на охридскиот регион посочувајќи дека економскиот развој не смее да биде на штета на природните и културните вредности затоа што средно и долгорочно, загубите за регионот би биле многу поголеми отколку добивката.

“Ние во охридскиот регион имаме статус на културно заштитено наследство , статус на природно заштитено наследство и статус на Биосферен резерват на УНЕСКО, што е единствен пример во светот. Моделот за економски развој во вакво подрачје е туристичко искористување на тие вредности плус духовните и гастрономските вредности. Се друго ќе значи загуба на уникатноста и непрепознатливост за светскиот туристички интерес кој денес бара автентичност и зачувани вредности. Решенијата треба да се бараат во правилно зонирање на просторот, во оценка на влијание врз животната средина и преку инволвирање на заедницата во планирачките процеси”, истакна Пановски.

На оваа академија учествуваат преставници од заштитени подрачја на УНЕСКО од Мексико, Хондурас, Никарагва, Колумбија, Европските земји, Казахстан, Оман, Лесото, Кенија и други. Македонија има два преставници од областа култура и областа природа како фокал поинти во Националната комисија на УНЕСКО на РМ.

OhridNews