Комитетот за заштита на светското наследство на УНЕСКО на 44 сесија што се одржува во кинескиот град Фуџоу, денеска, ја усвои одлуката за состојбата на заштитеното културно и природно наследство на Охридскиот регион, со која на предлог на Босна и Херцеговина, на Македонија и Албанија им се дава дополнителен рок, кој во првичниот предлог амандман изнесува две години, за имплементација на препораките на Реактивната мисија на УНЕСКО од 2020 година.

Оваа одлука беше донесена по тридневни интензивни консултации на делегациите членки на Комитетот за светско наследство откако Норвешка и Австралија изразија негодување на предлогот Македонија и Албанија да добијат дополнитеен рок до 2023 година за отстранување на проблемите кои ги загрозуваат универзалните вредности на Охридскиот регион.

Со оваа одлука Охридскиот регион избегна деградирање, односно ставање на Листата на заштитени подрачја во опасност, што беше првичен предлог на Реактивната мисија на светската организација, кој беше изменет во последен момент со амандман предложен од БиХ. Тоа значи дека Охридскиот регион останува на Листата на УНЕСКО како едно од само 38 места на планетата кои се под двојна заштита како светско природно и културно наследство.

Од име на македонската Влада преку видео врска се обрати Министерот за животна средина Насер Нуредини. Тој изрази благодарност до Комитетот на светско наследство на УНЕСКО што, како што рече, ги препознал вложените напори и го одобри предложениот амандман со кој на Македонија и Албанија им се одобрува дополнителен период за завршување на започнатите работи и потполно исполнување на добиените препораки. Посебна благодарност тој упати до Босна и Херцеговина и Руската Федерација за поддршката во овие заложби, како и на делегациите на Кина, Саудиска Арабија, Унгарија и Шпанија, но и до Австралија и Норвешка за конструктивните забелешки и совети.

Македонија и Албанија остануваат целосно посветени на заштита на вредностите на Охридскиот регион со заедничка работа решени сме менаџирањето со светското наследство заштитено од УНЕСКО да го направиме пример за соработка помеѓу две земји и да покажеме интегритет со цел да го зачуваме за следните генерации. – рече министерот Нуредини.

Тој ги повика сите чинители, приватниот сектор, локалната самоуправа, сите граѓански организации, да соработуваат и да го дадат својот придонес кон заштитата на Охридското Езеро и целиот регион.

Благодарност до БиХ за предложениот амандман со кој се пролонгира рокот за отстранува на забелешките на Реактивната мисија на УНЕСКО за уште две години, упати и Република Албанија.

Целосно сме свесни дека двете држави мора да работат многу повеќе за да го заштитат културното и природното богатство на Охридскиот регион кое е од непроценлива вредност. Треба да сториме повеќе, да работиме подобро и побрзо, да ги адресираме, идентификуваме и препознаеме силните и слабите страни на ова трансгранично наследство. Апсолутно сме свесни дека само со координирано делување и прецизни временски рокови ќе ги решиме сите идентификувани проблеми и подготвени сме да работиме заедно со УНЕСКО и надзорните тела на светската организација. – истакнаа од делегацијата на Република Албанија.

Единствени што имаа забелешки на усвоената изменета одлука за Охридскиот регион, беа од неформалното еколошко движење Охрид СОС. Во онлајн обраќањето нивниот претставник изрази негодување што нивниот глас се слуша дури откако е донесена одлуката.

Во 2019 година со одложувањето на вашата одлука овозможивте уште две години бетонирање на охридското крајбрежје, две години градење на езерото, две години депонирање отпад. Исто така прифативте две години изговори, донесување на планови кои се во корист само на експлоатација. Сега со оваа одлука го дозволувате истото. Светското наследство на Охридскиот регион е универзална вредност која му припаѓа на целото човештво, кога ќе сфатите дека и вие сте губитници со ова? – прашаа од Охрид СОС.

Г. Момироски