Климатските промени во Македонија стануваат се поизразени, а исклучок не е ниту охридскиот регион. Стручњаците велат дека се почестите осцилации на природните водотеци во охридско ја запреа миграцијата на рибата кон реките во сливот на Охридското Езеро, посебно на пастрмката која порано мигрираше во Коселска река и Сатеска. Тие предупредуваат дека доколку не се рационализира употребата на вода од реките во земјоделството, во иднина можни се и конфликти. 

-Нема вода за земјоделските корисници низводно по реките, што може да предизвика разни конфликти кои ќе бидат поизразени во догледно време, затоа што ќе се јават периоди кога ќе нема води и тие ќе бидат подолги.- вели Ѓоко Зороски, експерт по екологија. 

Повеќе не е прашање дали се случуваат климатски промени, туку како да се справиме со нив, вели професорот од Факултетот за земјоделство и храна Ордан Чукалиев. 

-Имаме и потопли периоди и поладни од порано. Се справуваме со поголема варијабилност која може да ја видиме и од последните случувања. Неколку пати имавме оваа година големи поплави во одредени региони во Македонија, а јас сум речиси сигурен дека ќе имаме и голема суша, тоа е всушност таа поголема варијабилност на климата.– изјави Чукалиев.

Според стручните лица неопходна е едукација на земјоделците за адаптирање кон климатските промени, како и формирање на регионални центри за размена на информации во кои ќе бидат вклучени науката и институциите, чија задача ќе биде да изнајдат решенија кои ќе бидат одржливи на подолг рок.

Неодамна во Охрид се одржа едукативната работилница на тема „Наводнување и заштеда на вода со цел адаптирање кон климатските промени“ која ја реализираше ЕД “Грашница“ во рамки на проектот „Рационална употреба на вода за земјоделие во сливот на Охридското Езеро“, кој има за цел подигање на свеста кај земјоделците за последиците од климатските промени. 

Г.М.