По бројни обиди идејата за формирање професионален театар во Охрид конечно се институционализира. Советот на општина Охрид  ја поддржа иницијативата на лајонс клубот „Лихнидос“ и на единаесеттата седница донесе одлука за финансирање на професионален театар, за што во буџетот за 2010 година се предвидени дел од средствата за култура кои за почеток се проектирани на 1,2 милиони денари. Познатиот актер и режисер, Горан Сојаноски, инаку голем поддржувач на иницијативата за формирање на професионален театар, во интервју за Ohridnews, оценува дека одлуката на Советот е голем чекор напред и извонредна шанса за плејада млади охридски актери кои чекаат на остварување на сонот. Сепак, вели Стојаноски, идејата се уште е во зародиш и ќе биде потребна помош и од државата таа и вистински  да заживее.

Ohridnews: Со години провејува идејата за формирање професиоинален театар во Охрид. За прв пат во 2010 година во буџетот на општината се планираат средства за таа намена. Како гледате на тоа?

Горан Стојаноски: До сега имаше многу иницијативи, се играа и претстави, но  отсуствуваше стратегија на одржливост. Ова што се случи е за пофалба. За прв пат во истотијата на Охрид, Советот на општината донесе одлука за финансирање на професионален театар. Тоа е навистина голем чекор кој го гледам како една позитивна сугестија и до Министерството за култура да почне да се грижи и за живата култура, за театартот во Охрид конкретно. Имајќи во предвид дека во Охрид има 10 дипломирани актери и режисери, имаме и опрема која е донација од Холандија, осумдесетина рефлектори и пропратни средства кои се потребни за функционирање на еден театар на оваа работа гледам како на вистински чекор кој би можел понатаму да прерасне во вистински театар.  Морам да ја спомнам и главната иницијатива на Лајонс клубот „Лихнидос“, кој беше поттикнувачот во контактите со локалната самоуправа, сега и пошироко, за да може оваа стратегија на одржливост да биде вистински реализирана.


Горан Стојаноски

Ohridnews: Од идеја до реализација има многу. Колку Охрид е далеку од реализирање на идејата за формирање професионален театар?
 
Горан Стојаноски: Не може да се каже дека има професионален театар само заради тоа што имате глумци, техника и сега одредена конкретна финансиска помош од локалната самоуправа. Ова е само почеток. Семката е фрлена и треба како што видела општината да види и Министерството за култура дека треба да се роди нешто вистински. Тоа не значи дека треба да се гради некоја голема зграда, опера хаус, туку сето тоа да се поддржи, со што шансите да заживее проектот би биле поголеми, би се вклучил тогаш и бизнис секторот за да се направи театарска куќа во Охрид со репертоар.
 
Ohridnews: Што прават сега охридските глумци без театар?

Горан Стојаноски: Тоа е многу скокотливо прашање. За мене веројатно ќе речат дека тој човек таму е будала затоа што веќе петнаесет – шеснаест години ја турка таа приказна за театарот. Но, театарот не е лична работа, уметноста во мене е лична работа, а јас таа идеја ја туркам заради уметноста, а не заради мене лично. Младите креативни луѓе го работат тоа што го сакаат, тука нема компромис. Уметноста е друга категорија и по цена на лебот уметникот ќе ја работи својата работа, но се има граница. Од време на време ќе капне некое парче леб, ама нема континуитет. Младите луѓе работат, но се наоѓаат во една тешка ситуација, ги притиска егзистенција, транзиција, светска економска криза. Сметам дека овој потег со издвојување на конкретни средства за театар им дава надеж.


Ohridnews: Постои ли опасност доколку идејата и овој пат не заживее младите образовани актери и режисери да си заминат од  Охрид?.

Горан Стојаноски: Уметниците сакаат да го работат тоа што го завршиле и тоа го правиме, активни сме ,се појавуваме по фестивали, работиме. Но секогаш постои опасност. Млад човек кој што не може да заработи плата ќе вози такси, ќе замине во Скопје, надвор од Македонија и затоа самата држава и локална самоуоправа треба да се грижат за своите кадри не само од областа  на уметноста, туку од секоја област. Треба да се направи се што може тие луѓе да се задржат затоа што тоа е креативниот потенцијал на нашето општество, не пропаганди, декларативни изјави и демагогии, затоа што целиме да ги достигнеме европските вредности, а тоа треба вистински да се сработи.  Значи, секогаш постои опасност младите професионалци да го напуштат својот град. Завршуваш школо се враќаш во својот град и немаш работа. За да ја најдеш треба да молиш партии и слично и штом се уште не се гледа дали човек е способен поради своите квалитети, тогаш тоа е лага. За жал тоа се случува кај нас редовно, тоа е  менталитет, всадено во кодот и треба да се откодираме, тоа е болен процес кој може да се надмине со креативна енергија, а тоа е театарот. Затоа во поголемите општества постои театар, бидејќи си ја негуваат својата култура. Покрај тоа што се негуваат споменици треба да се негуваат и живите луѓе.


Ohridnews: Како треба да биде поставен Охридскиот професионален театар, како ќе се одвиваат работите?

Горан Стојаноски: Театарот во Охрид сега е на вистински почеток. Се пушта рака се одвојуваат средства за неколку претстави, а во тој период ќе се лобира, разговара и преговара со Министерството за култура, со локалната самоуправа, за сето тоа да се најде заеднички модел затоа што театарот не е ни на државата, ни на локалната, ни на актерите, тој е на сите и се додека немаме чувство на единство и заедништво секогаш ќе бидеме разделени. Охридскиот театар треба да биде поставен како и секој еден театар што функционира во државата, со буџет и институција во која ќе работат луѓе кои ќе прават театарски претстави. Целата идеја треба да влезе во буџетот на Република Македонија и на локалната самоуправа, а формата веројатно ќе зависи и од процесот на децентрализација и влегувањето на Охрид во втората фаза од децентрализацијата.


Ohridnews: Може ли Охрид без театар?

Горан Стојаноски: Се може без се. Може и без здравство, ќе имате болни луѓе, може и без социјала, ќе имате незгрижени луѓе, може и без школи, ќе имате необразовани луѓе. Може и без театар, тогаш ќе имате духовно болни луѓе, како што имаме. Она што театарот  го профилира не е забава, туку еманципација, едукација за еманципирање на луѓето. Ние имаме интелектуалци ама се однесуваат како деца, незрело, така што театарот е база, градење на гордост, дигнитет на градот. Во театарот ќе се креираат нови вредности и ќе се формираат многу млади луѓе.

Ohridnews: Кога охриѓани може да ја очекуваат првата претстава на професионалниот театар

Горан Стојаноски: Доколку се се’ одвива како што треба тоа ќе се случи на 11 април.

Горан Момироски