Во првата половина на годинава, 29 пратеници никогаш не проговориле во Собранието на седниците, стои во најновиот извештај за работењето на пратениците „Мојот пратеник“ за периодот од јануари до јуни.

Најмногу отсуства имаат пратеници од албанскиот политички блок. Освен парламентарците на ДПА, кои од 18 август 2009 година ја бојкотираат работата на Собранието, на врвот на листата со оправдани отсуства се наоѓаат и преседателот на ПЕИ, Фијат Цаноски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Од вкупниот парламентарен состав, само 27 пратеници не пропуштиле ниедна седница.

Според извештајот, пратеничката од СДСМ Весна Бендевска е рекордер по зборување, за збор се јавила 59 пати, а воедно и 104 пати реплицирала.

Најмногу пратенички прашања до Владата има поставено пратеничката Флора Кадриу од Нова Демократија, а првак за процеудурални забелешки е Цветанка Иванова од СДСМ со 40 процедурални интервенции.

Најголем број предлог закони до Собранието, доставила пратеничката Станка Анастасова од ВМРО-ДПМНЕ вкупно 15, а најактивен во поднесувањето на амандмани бил пратеникот од СДСМ, Томе Чинговски – 362.

Ohridnews
извор: Makfaks