Шефот на Делегацијата на Собранието на Македонија,  Александар Николоски, ќе учествува на редовната есенска сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која ќе се одржи во следните пет дена, во Стразбур, Франција. Во текот на јануарската сесија, Николоски беше избран за еден од претседателите на Парламентарното собрание на Советот на Европа за 2015 и 2016 година, според принципот на ротација.

Во текот на есенската сесија, според распоредот, Николоски ќе ја има честа да претседава со најстарата меѓународна организација во Европа на дебатата која се очекува да предизвика најголем интерес на сесијата, односно хуманитарниот и политичкиот одговор на мигрантската и бегалската криза во Европа, предизвиците за земјите на транзит, како и итната потреба за вистински европски систем за азил.

На оваа сесија обраќања ќе имаат Неговото Кралско Височество Големиот војвода на Луксембург, премиерот на Република Србија, Александар Вучиќ, претседателот на Советот на министрите на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Игор Црнадак, во својство на претстедавач со Комитетот на министрите и други, а генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд  ќе одговара на прашања од парламентарците, според новата пракса воведена за време на пролетната сесија на Парламентарното собрание, која и во иднина ќе се одржува во текот на сите редовни сесии.

Други теми за кои ќе дебатираат пратениците се здравството и интересите на фармацевтската индустрија, слободата на религијата и заедничкото живеење во демократско општество, спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права и активностите на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), со учество на генералниот секретар Ангел Гурија.

OhridNews

извор Макфакс