Деветметарска елка со илјадници светилки ќе го краси центарот на Охрид кој вечерва блесна во новогодишно светло. Симболично новогодишната елка ја вклучи градоначалникот Александар Петрески кој притоа истакна дека и оваа година Охрид за претстојните празници ќе изгледа величенствено.


деветметарска елка во центарот на Охрид

И оваа година се потрудивме градот за новогодишните празници да изгледа прекрасно. Се надеваме дека тоа ќе им се допадне на гостите и охриѓани кои ги повикуваме на заедничка прослава на Новата година, рече Петрески. Украсувањето ќе продолжи деновиве и на други локации, за што општината годинава издвои 300.000 денари.


„огнена“ кочија во централниот парк

Годинава многу општини потикнати од продукциски куќи непотребно се втурнаа во натпревар кој повеќе ќе потроши за Нова година, што е погрешно, затоа што со сумите кои се споменуваат, 15-20.000 евра е подобро да се изгради водовод или некој друг инфраструктурен објект наместо тие пари да се потрошат за една вечер, рече Петрески.


Охрид и оваа годиназа новогодишните празници ќе изгледа прекрасно

Градоначалникот информираше дека и оваа година охридските хотели ќе бидат исполнети речиси 100% што ветува добар новогодишен амбиент, достоен на најголемиот туристички центар во земјава. Ги повикувам сопствениците на хотелите и угостителите да ги украсат своите објекти, а истото тоа да го направат и граѓаните, особено во стариот дел на Охрид, рече Петрески. Тој искажа незадоволство од угостителите кои не се одзваа на повикот на локалната самоуправа да помогнат во организацијата на дочекот на Нова година, по што тој најави дека општината ќе го преиспита односот кон нив.

Г. Момироски
фото: Васко Бујароски