Вкупно 28 пливачи меѓу кои има четири македонци ќе ги брануваат водите на 27-от Охридски пливачки маратон и ќе атакуваат на првото место од пиедесталот. Стартот на маратонот ќе биде во 12 часот од Свети Наум, а патеката „Климе Савин“ долга 30 километри ќе добие нов победник откако Бугаринот, Петар Стојчев се повлече од маратонското пливање.


 
– 20 пати го препливав Охридското езеро и многу научив од него. Само маратонец може да опише какво е чувството да се плива во водите на Охридското езеро. За победа во Охрид не е неопходно само да тренираш да имаш поголема желба од сите тие препреки кои ги „нуди“ езерото. Кога ќе го споредиш Охридскиот маратон со останатите маратони низ светот ќе стане јасно дека не заостанува ни малку зад другите – рече Стојчев.

Единаесеткратниот победник на Охридскиот маратон ќе биде дел од тимот на Томи Стефаноски, кој сезонава ја забележа првата победа воопшто.

– За прв пат ќе бидам тренер на Охридскиот пливачки маратон и тоа на македонскиот пливач Томи Стефаноски. Причината за тоа е дека Стефаноски ги има сите одличја на Охридскиот маратон освен златниот. После неговата победа во Канада ќе направиме обид да триумфираме во Охрид што ќе биде резултат на неговиот долгогодишен труд  – додаде Бугаринот, кој во Охрид дебитираше во далечната 1993 година.

Стојчев го има рецептот за победа на Охридскиот маратон, а тоа несебично ќе му го предаде на Стефаноски, кој најавува дека ќе се стори се да го исполни сонот на секој Македонец да победи на маратонот во Охрид.

– После победата во Канада апетитите во македонска јавност се зголемија и сите очекуваат да изборам висок пласман на Охридскиот маратон. Сезонава докажав дека сум во добра форма, но до крајот остануваат два маратони многу сме истрошени и тој што ќе има повеќе сила ќе се искачи највисоко на пиедесталот  – порача Стефаноски.

Технички организиратор на Охридскиот пливачки маратон е Пливачката федерација на Македонија, а не како што беше досега клубот „Охридски бранови“.

– Од минатата година сите знаевме дека целосен организиратор ќе биде пливачката федерација. Ние како федерација, а јас како нејзин преставник ќе се погрижиме да помине се во најдобар пред се поради безбедноста на маратонците. На пливачите им посакувам многу среќа, мирно езеро и се надевам дека еден од нашите четири пливачи ќе го освои првото место на Охридскиот пливачки маратон – потенцираше Јане Карајанов делегат од Пливачка федерација на Македонија.

За безбедноста, регуларнста на маратонот и здравјето за маратонците ќе се грижат педесет чамци,  три лекарски екипи, делегати од Фина во соработката со охридската полиција и капетанијата.

– Безбедноста на трката е на високо ниво. Се е подготвено за почетокот на маратонот и мислам дека не очекува возбудлива трка бидејќи во Охрид можат да се решат многу дилеми околу севкупниот победник за оваа сезона  – истакна делегатот од ФИНА, Жан Пол Нурс.

Главен покровител на Охридскиот пливачки маратон како и секоја година е Претседателот на република Македонија, Ѓорге Иванов.

Мх.П.